Бременост недела по недела

Алатки

Следење на плодностСледење на бременостСледење на бебиња

Веројатно досега сте имале искуство вашето малечко да се разбуди вознемирено среде ноќ,  испотено и со вжештено чело. И прво нешто што ви паѓа на ум е дека тоа има покачена телесна температура, па во истиот момент земате топломер за да проверите дали е навистина така.
Најголем дел од високите температури кај дечињата не се сериозни и се предизвикани од вообичаени инфекции кај детето. За проблемот кој најчесто се јавува кај малите деца, разговаравме со доктор Тања Јовановска, педијатар.

Што е висока температура?

Зголемена телесна температура или фебрилност е одбранбена реакција на организмот  на некоја инфекција или некое друго нарушување во организмот. Фебрилноста сама по себе не е болест туку симптом на некоја инфекција или болест. Таа помага организмот да се избори со инфекцијата бидејќи делува неповолно за развојот на многу вируси и бактерии. Правилниот однос кон овој симптом помага за следење на текот на болеста и ефикасност од лекувањето.

Причини за зголемена телесна температура во детската возраст

Најчесто, во детската возраст зголемувањето на температурата настанува при акутни вирусни и бактериски инфекции. Но, зголемувањето на температурата може да настане и при други состојби и нарушување во организмот, по вакцинација, дехидратација, при траума поради оштетување на ткивата, некои лекови, хормонално нарушување, инфламаторни и автоимуни болести.

Што да преземете ако детето има покачена телесна температура?

Ние, педијатрите, препорачуваме кога детето има зголемена телесна температура да се зголеми внесот на течности (супи, чаеви,сокови) за да се избегне дехидратација, а  доколку се работи за доенче, да му се дава почесто да цица. Потоа туширање со млака вода со температура на водата од околу 32 до 33 C, никако со ладна вода или, пак, масирање на телото со крпа натопена во млака вода. Не се препорачува масирање со раствор од алкохол и вода во однос 1:1 поради опасност  од инхалација на алкохолната пареа и апсорпција преку нежната детска кожа. Ако на детето му студи (што се случува кога почнува да се качува телесната температурата) можете да го покриете со лесна прекривка, а кога тоа ќе се стопли прекривката  треба да се тргне. Советуваме детето  да престојува во чиста и проветрена соба, температурата на собата да се одржува од 20 до 22 C степени и да биде облечено во лесна памучна облека.

Кога да му дадете лекови за симнување на телесната температура?

Зголемената телесна температура е помошник во борбата со инфекцијата бидејќи таа е неповолна за развојот на многу вируси и бактерии. Затоа, лекови за симнување на температурата (парацетамол; бупрофен) се даваат ако температурата е над  38 C степени, која го исцрпува и го нарушува комфорот и сонот на детето. Дозирањето на лекот е според телесната тежина на детето. Oвие  лекови се даваат по потреба кога детето има зголемена температура и не пречесто, почекајте шест часа па дадете ја следната доза.

Кога да побарате помош од лекар?

Без разлика на висината на температурата, секогаш кога детето ви изгледа болно, задолжително направете консултација со  лекарот на вашето дете и следете ги неговите упатства. Зголемената температура е само симптом на болест па потребно е да се пронајде причината и истата правилно да се лекува. Со нејзино излекување ќе дојде до нормализирање на температурата. Родителите најмногу ги плаши појавата на  фебрилни конвулзии - грчеви кои се појавуваат  кај некои деца со покачена температура, кои се до 7-годишна возраст, поради незрелост на централниот нервен систем . Се препознаваат по тоа што детето станува отсутно со вкочанет поглед, во траење од неколку минути. Кај деца кои веќе имале грчеви при зголемена температура, при нов инфект со покачена температура се даваат антиконвулзиви (чепчиња или дражеи Дијазепам). Кај децата, пак, кои немале, најдобра превенција е навремена дијагноза и лекување на основното заболување кое довело до зголемена температура. Потребно е да се следат упатствата не лекарот во деновите со покачена телесна температура.