Бременост недела по недела

Алатки

Следење на плодностСледење на бременостСледење на бебиња

Доколку вашето дете по јадењето одредена храна има осип и црвенило по кожата, почнува да се чеша по лицето и носот, а потоа се гуши и се жали дека чувствува глад за воздух, требаа веднаш да испитате дали е алергично на некоја храна. Нутритивните алергии се многу чести во периодот на детството и може да се јават уште и кај новороденчињата, дури и при првиот внес на млеко. Само со правилна дијагноза ќе дознаете на која храна е алергично вашето дете и истата треба да ја избегнувате во исхраната.

Кога се јавуваат алергиите од храна?

Нутритивните алергии може да се јават во кој било период од животот, меѓутоа најчестиот алерген на храна, во првата година до две, кој доведува до појава на алергија е млекото. Токму поради тоа алергијата од храна се јавува многу рано, почнувајќи од 3. месец кај детето, односно по првиот внес на млекото и млечните производи. Но, постојат и други типови на храна на кои може да е алергично вашето малечко. Доколку детето е алергично на јајце, алергијата ќе се појави кога тоа ќе почне да конзумира јајце, што значи некаде по 7. или 8. месец од животот. Алергија од храна исто така може да се јави и доколку детето има одредена генетска предиспозиција.

Најчести алергени

Насекаде во светот доминантни алергени на храна во првите три години од животот се: млекото, јајцето (особено белката од јајцето), кикиритките (кои ги има во смоките и чипсот), потоа рибата, бобинастите плодови (малини, капини, јагоди), но и цитрусните плодови (лимон и портокал). Не треба да ги заборавиме и сусамот, оревот, лешниците, кои ги има во кремот кој мајките многу рано почнуваат да го внесат во исхраната кај децата.

Како се манифестира алергијата од храна?

Постојат два типа на манифестација на алергиите на храна. Најчесто кај 60-70% од случаите се работи за брз алергиски одговор или алергиска реакција тип 1. Проблемот се јавува веднаш во првите 15 минути до еден час по внесот на храната. Клиничките симптоми се доста бурни – генерално се јавува црвенило по кожата, промени кои изгледаат како осип од коприва, бистра секреција од носот, отоци на усните, ушните школки, очните капаци, стапалата, рацете. Кај некои деца може да се јави и гушење и глад за воздух.

Кај вториот тип на алергиска реакција, што се јавува најдоцна 24 часа по внесот на храна, особено во првите 5 до 8 часа, се јавува најпрво чешање по кожата, очите и носот. Поголемото дете, пак, ќе ви се пожали дека го чеша и грлцето. Потоа следи осип по кожата, кој е ситен и зрнест или во форма на ултикарија. Уште една форма на манифестација на нутритивна алергија е познатиот атописки дерматит или генерализирана егзема. Оваа реакција се појавува по 4-5 месец од животот и зафаќа поедини делови од кожата на детето. Доминантна е сува и рапава кожа, а на одредени места има и вцрвенета кожа и изразено чешање во текот на денот, но и ноќта кога детето спие. Честопати овие деца не напредуваат во телесна тежина и знаат да имаат повремени течни празнења. Кај овие деца треба да се направи испитување на алерголошкиот статус и да се види кој е причинителот кој го предизвикува тој генерализиран егзем.

Дали алергиите кај децата поминуваат?

Околу 70% од алергиите на млекото и на јајцето минуваат околу третата година од животот,  кај одреден процент на децата околу 6 година. Останатите ќе си ги носат цел живот.

Кожниот алерголошки prick тест - златен стандард за дијагноза

Кога ќе се јават првиот или вториот тип на алергија од храна родителите веднаш треба да побараат помош од стручни лица и да ги однесат децата во болница. Најпрво се разрешува акутниот проблем, а потоа следи дијагностика и контакт со алерголог кој ќе направи проверка на што е алергично детето. Златен стандард за дијагноза е кожниот алерголошки prick тест кој се прави месец дена најрано од последниот напад, затоа што толку време е потребно да се откријат и детектираат специфичните IgE антитела на алергенот од храната, на ниво на кожа или на ниво на циркулација. По детекција треба редовно да се консултирате со својот педијатар-пулмоалерголог за да може детето да порасне здраво и да не се доведе во животно-загрозувачка криза, која може да доведе и до оток на јазикот.