ЗЛОупотреба на антибиотиците

Запомнете! Антибиотиците се лек за бактериски инфекции. Единствено нивната контролирана, рационална, оправдана и правилна употреба  може да го спречи ширење на проблемот од резистенција на истите. Пред да препишете антибиотик или пред да посегнете по антибиотик, бидете сигурни дека Вашата одлука е оправдана!

Пред да се започне со антибиотска терапија потребно е да се направат неколку неопходни чекори:

  1. Болниот треба да се јави кај доктор кој ќе назначи соодветно испитување во зависност од видот на инфекцијата и органите кои се зафатени;
  2. Следно е земање на примерок за микробиолошка обработка, кој овозможува точна изолација и идентификација на бактеријата која ја предизвикува инфекцијата;
  3. Потоа, изолираната бактерија се испитува за осетливост кон антибиотици, при што се добива прецизен податок кој антибиотик најефикасно би ја излекувал инфекцијата;
  4. Податоците потребни за докторот да препише точна и успешна антибиотска терапија се издаваат во вид на микробиолошки резултат.

Кога докторот ќе ја одреди терапијата, пациентот треба да ја испие целата препишана терапија, земајќи ги редовно препорачаните дневни дози во одредени временски интервали. Терапијата не смее да се скратува дури иако болниот започне да се чувствува подобро.

Антибиотиците никако не смеат да се употребуваат, ниту пак се ефективни за лекување на инфекции предизвикани од вируси како што се настинки, кашлици, грип, вирусни воспаленија на грлото или носот и слично. Тие не помагаат ниту во случај на алергиски тегоби кај пациентите. Употребата на антибиотици во овие случаи е вистинска злоупотреба, затоа што нема да ја излекува инфекцијата, нема да спречи ширење на инфекцијата на други лица, ниту пак ќе ја подобри состојбата на болниот. Антибиотиците не се безопасни лекови. Нивната неконтролирана употреба може да предизвика несакани ефекти и секако придонесува во развојот на антибиотската резистенција кај бактериите.

БАКТЕРИИТЕ СТАНУВААТ ОТПОРНИ НА АНТИБИОТИЦИ

Антибиотската резистенција всушност значи дека бактериите стекнале способност да бидат отпорни на една или повеќе различни класи на антибиотици, што значи дека овие антибиотици не делуваат на нив. Резистенцијата може да се пренесува од еден бактериски вид на друг. Затоа, резистенцијата на антибиотици е сериозен и актуелен глобален проблем. При зголемена, континуирана, неконтролирана или погрешна употреба на антибиотици се предизвикува резистенција кон антибиотици  бидејќи бактериите ги активираат сите расположливи механизми за преживување. Колку почесто бактериите се изложуваат на антибиотици, толку поверојатно ќе преживуваат развивајќи покомплексни механизми на резистенција. Затоа, во денешно време сè почесто се соочуваме со инфекции кои веќе не можат да се лекуваат со антибиотиците со кои се лекувале пред неколку години.

Инфекцијата предизвикана од резистентна бактерија е сериозен проблем, бидејќи лекувањето на ваквата инфекција е комплицирано, долго и неизвесно. Проблемот дополнително се комплицира ако истата бактерија се пренесе и на други лица, предизвикувајќи инфекција и кај нив. Тогаш веќе зборуваме за епидемија на инфекцијата предизвикана од резистентна бактерија.

Во случај кога антибиотиците не делуваат, резултатот може да биде следен:

  1. Подолга болест (инфекција);
  2. Сериозни компликации од инфекцијата;
  3. Потреба од појаки, поскапи, но и употреба на потоксични антибиотици;
  4. Ширење на инфекцијата на други лица и предизвикување на епидемија.

Лабораторијата за микробиологија и паразитологија има цел да ги идентификува етиолошките агенси на инфекциите, кои можат да бидат бактерии, вируси, габички и паразити. Точното познавање на причинителот на инфекцијата овозможува прецизен избор на терапија, која пак гарантира лекување на инфекцијата.Во лабораторијата се користат најсовремени методи за брза и точна дијагностика на инфекциите.Изработката на антибиограмите е во согласност со водечките протоколи кои овозможуаваат препознавање на сите типови на резистенција.