fbpx

Тестови за алергија

Tестовите за алергија се користат во дијагностицирање на некои алергиски заболувања со цел откривање на преосетливост на поедини алергени. Во однос на анамнестичките податоци  и клиничката слика  педијатарот  гo одредува видот на тестовите за алергија кои се индицирани за состојбата на вашето дете.

Какви видови кожни алерготестови постојат?

Постојат повеќе видови алергиски тестови од кои во детската возраст се користат прик (prick) кожни тестови со кои се докажува раната реакција на преосетливост!

Што е прик кожен тест?

Прик кожен тест се користи во дијагностика на алергиските реакциии на инхалаторни (алергени од воздухот) и  нутритивни ( алергени од храна)  алергени кај пациенти кои имаат симптоми на алергиски болести (алергиски ринит, алергиски коњуктивит, бронхијална астма, уртикарија, атописки дерматит и др. )

Како се изведува прик кожен тест?

Eдна капка  течност која содржи растворен алерген ( супстанција која предизвикува алергија кај некои луѓе) се става на  кожата на надлактицата. Низ секоја капка со помош на специјална ланцета се прави благ површен убод, кој не е многу болен. Доколку детето е  алергично на некои од тестираните алергени, по одредено време на самото место на убодот ќе се појави црвенило, оток и чешање. Врз основа на истото педијатарот ќе изврши мерење на одговорот на алергенот и потоа резултатите ќе ги спореди со симптомите на детето, што е важно за  правилно дијагностицирање на причината на појавата на алергијата.

Како да се подготви детето за тестирање?

Лековите од групата на антихистаминици можат да влијаат на резултатот од прик тестот. Педијатарот ќе ви каже кои лекови не смеете да ги земате неколку дена пред тестирањето.

Колку трае постапката на прик алерго тест и кои се несаканите реакции?

Тестот е брз и сигурен! Најчесто самата постапка трае 15 минути и нема лажно позитивни резултати! Во однос на несаканите реакции кај некои деца реакцијата на местото на убод со одредени алергени може да биде многу изразена, со појава на поголем оток, црвенило и чешање и доколку е потребно педијатарот  ќе  препише терапија. Поради тоа алерго тестирањето секогаш се одвива под надзор на вашиот педијатар-алерголог!

Kога родителите да се посомневаат на алергиски потешкотии кај детето?

Kај деца со алергиски потешкотии често има придружни болести од инфективна природа. На пример деца со алергиски ринитис често имаат воспаленија на средното уво или параназалните синуси па симптомите на придружното заболување се доминантни во однос на алергиското заболување.

Симптомите на алегиското  заболување се слични со симптомите на заболување од инфективна природа како на пример симптомите на настинката па тоа што треба да ги упати родителите на постоење алергиски проблем е :

- повторување на тегобите секоја година во ист период

- присуство на алергиско заболување кај друг член од фамилијата

- нема покачена температура ниту нарушување на општата состојба

- ако тегобите траат подолго од 2 недели (кај инфекциите траат пократко време и поминуваат спонтано или со антибиотска терапија во зависност од причинителот)

- не се смируваат со антибиотска терапија, се смируваат со антиалергиска терапија!