Зошто да вежбате ?

Многу одамна на трудните жени се пристапувало како на болни жени и се ограничувала нивната телесна активност. Денешните истражувања го покажуваат токму спротивното. Докажано е дека вежбањето во бременост ќе ви помогне да избегнете прекумерна тежина, да ги намалите болките во ’рбетот, заморот, запекот, отоците во нозете кои се јавуваат по стоење и да се чувствувате многу подобро.Вежбањето помага да се држите исправено и да ги зајакнете мускулите на ’рбетот, а со тоа тежината на стомакот е полесна за носење.
Покрај помошта за вообичаените тегоби во бременоста, вежбањето помага и во намалување на можната појава на многу опасни болести и состојби во бременоста. Истражувањата покажуваат дека физичката активност за време на бременоста го намалува ризикот од гестациски дијабет, но и од појавата на прееклампсија. Вежбањето го намалува стресот во бременоста, а во исто време за време на вежбањето се ослободува хормонот на задоволството- ендорфин. Вежбањето осигурува правилен и опуштен сон кој ви е потребен вам и на бебето. Најпрепорачливи начини за физичка активност во бременост се пешачење, јога, пливање и истегнување.