Што е спермограм?

Спермограм е тест со кој се одредува плодноста кај мажот со одредување на квалитетот и квантитетот на спермата. Поради честите варијации на резултатите од спермограмот, се препорачуваат 2 до 3 едноподруго анализи во рок од 45 дена.

Испитувањето на спермата е еден од најважните и основни методи за одредување на функцијата на тестисите. Спермограм е тест со кој се одредува плодноста кај мажот со одредување на квалитетот и квантитетот на спермата.

Карактеристики на сперматозоидите

Се смета дека постои висока оплодна моќ кога бројот на сперматозоиди е до 185 милиони на милилитар. Исто така се претпоставува дека плодноста е намалена ако има помалку од 50 милиони активни сперматозоиди на милилитар. При тоа треба да бидат подвижни барем 60% од сперматозоидите, при што е важно да се движат прогресивно, а  не во место. Сперматозоидите стануваат подвижни дури по ејакулацијата. Во гениталниот тракт на жената сперматозоидите се подвижни 48 до 72 часа по ејакулацијата движејќи се со брзина од 0.5 до 3 мм во минута. Вкупната должина на човечкиот сперматозоид изнесува 0.05 мм. Околу 1/10 отпаѓа на главата, исто толку на средниот дел, а остатокот е опашката.

Одредување на способноста за оплодување на сперматозоидите

Одредувањето на морфологијата на сперматозоидите се прави со помош на оптички или електронски микроскоп. Поради хетерогеноста на сперматозоидите кај човекот во однос на формата и големината, се анализираат најмалку 200 сперматозоиди.

За изразување на наодите од анализа на спермограмот се користи универзалната класификација:

  • нормоспермија - кога концентрацијата, подвижноста и формата на сперматозоидите се над наведените долни граници;
  • Аспермија - отсуство на сперма;
  • Хипоспермија - волумен под 2 мл;
  • Хиперспермија - волумен над 6 мл;
  • Азоспермија - отсуство на сперматозоиди;
  • олигозооспермија - помалку од 40 милиони сперматозоиди на милилитар;
  • полизооспермија - над 250 милиони сперматозоиди на милилитар;
  • астенозооспермија - намалена подвижност на сперматозоидите ( под 50-60%);
  • тератозооспермија - над 40% на абнормални форми на сперматозоиди.

Освен од морфолошките карактеристики, способноста за оплодување на спермата зависи и од нејзините физичко-хемиски карактеристики. Од голема важност е фруктозата, која дава енергија за движење на сперматозоидите. Хијалуронидазата овозможува пенетрација на сперматозоидите во јајната клетка. Исто така, важно е нормалното присутво на киселата фофатаза,  лимонската киселина, цинкот, простагландинот и други состојки.

„Послаба сперма“- нарушена сперматогенеза

Понекогаш причината за “послабата сперма“ може да биде нарушено создавање на сперматозоидите ( сперматогенеза) или пречки во излачувањето на спермата. Најчести причини за нарушена сперматогенеза се хромозомопатии, конгенитални аномалии, воспаленија на тестисите,   алкохолизам, работа во прегреани простории (топилници и сл.), престој на надморски висини поголеми од 3000 м без аклиматизација, како и поголеми трауми. При анализа на спермата обично се гледа изгледот и количината на ејакулатот, потоа бројот, виталноста и морфологијата на сперматозоидите. Таквиот наод се нарекува спермограм. 

Со оглед на потребата од стандардизирање на анализата на спермата се препорачуваат одредени принципи. Најчесто се препорачува 3 до 7 дена апстиненција (најчесто 4 дена)  пред да се направи спермограмот. Мажот треба да е во добра здравствена состојба, со отсуство на фебрилни епизоди ( > 38˚ C) во последните 45 до 60 дена и да не користи алкохол и цигари во периодот пред анализата. Поради честите варијации на спермограмот се препорачуваат 2 до 3 анализи во рок од 45 дена.

Како се остава примерок за спермограм?

Спермата за анализа се добива со мастурбација. Препорачливо е примерокот да се добие со мастурбација, во просторија во склоп на лабораторијата која е специјално наменета за тоа. При тоа спермата се ејакулира во стерилен и хемиски неактивен стаклен или пластичен сад со широк отвор. Кај пластичните садови помал е неповолниот ефект на ладно (т.н. „Cold shock“). Ако спермата по договор се носи од дома, тогаш треба да биде донесена во рок од еден час по ејакулацијата и да биде заштитена од можните температурни разлики.  За добивање на ејакулат за анализа не се препорачува сексуален однос затоа што се губи првиот дел од спермата или кондомите кои најчесто содржат спермицидни средства. Спермата пред иследувањето треба да се чува во темен стаклен сад. Иследувањето на ејакулатот се реализира најрано 30 минути до 2 часа по неговото добивање на собна температура. Треба да се избегнува  ладење или загревање или чување во метални садови или кондоми, поради опасноста од оштетување. Сперматозоидите се бројат во комора за броење на леукоцити. Броењето е олеснето ако се обои ејакулатот со некоја боја која не ја примаат виталните сперматозоиди, што овозможува лесно да се разликуваат од изумрените.

Ако наодот од спермограмот отстапува од нормалата тогаш се потребни дополнителни анализи како што се миркобиолошката и биохемиската анализа на спермата, пункција или биопсија на тестисите, хормонски анализи, одредување на половиот хроматин и кариотипот, со вклучување на ендокринолог - андролог во поставувањето на дијагноза и третманот.