19. недела

Доколку сè уште не го направивте пренаталниот скрининг, ова е вистинско време да го закажете. Пренаталниот скрининг ќе ви даде детални информации за развојот на вашето бебе. На овој преглед се гледа дали сите органи и системи се нормално развиени и дали нормално функционираат. Не заборавајте да ги запишете сите прашања што сакате да му ги поставите на гинекологот. Не заборавајте и да земете фотографии од скринингот и да ги покажете на семејството.

Важно : 
Помеѓу 19. и 24. гестациска недела потребно е да направите фетална ехокардиографија. Феталната ехокардиографија е метода што овозможува откривање на вродените срцеви аномалии кај фетусот. Следејќи ги светските трендови, но и поради високиот процент на вродени срцеви аномалии кај неризичните групи трудници феталната ехокардиографија се наметна како рутински скрининг во пренатална дијагностика на структурните аномалии на феталното срце.

 

Вашето бебе е со големина на манго

Сега бебето е просечно долго околу 20 цм и тежи околу 220 грама.

Бебе во 19.недела

Телото е покриено со тенка обвивка наречена верникс казеоза (vernix caseosa). Благодарение на обвивката кожата на бебето е заштитена од оштетување и инфекции. По раѓањето може сè уште на телото на бебето да се забележат траги од  vernix caseosa.

Се развиваат осетот за вкус, слух и сетилото за вид и мирис.

Симптоми што најчесто се присутни оваа недела 

Слаби грчеви во абдоменот предизвикани од истегнувањето на лигаментите и мускулите како резултат на ширење на матката.

Мрзеливост

Грчеви во нозете

Несоница. За да ја олесните состојбата, пробајте да спиете на страна со перница меѓу нозете.

Советуваме

 

Почнете да спиете на страна.Лежењето на стомак сè повеќе ви станува неудобно и чувствувате дека останувате без здив. Матката прави притисок на белите дробови и дијафрагмата може да се подигне само неколку сантиметри со што се отежнува дишењето. Исто така, не се препорачува спиење на грбот бидејќи зголемената матка прави притисок и ја отежнува циркулацијата на големите крвни садови. Кога спиете на грб тежината на матката паѓа врз `рбетот и цревата. Ова може да предизвика: болки во грбот, потешкотии со дишењето и обработката на храна, хемороиди, низок крвен притисок, нарушување на циркулацијата на крвта до срцето и снабдувањето на матката и бебето со крв.

Хранете се здраво. Јадењето за двајца не значи дека треба двојно да го зголемите калорискиот внесЗдравата исхрана ќе ве направи повитални и свежи.