25. недела

Влијанието на хормоните и приближувањето на терминот за породување прават да се чувствувате возбудено. Дали одлучивте каде ќе се породите? Како што минуваат неделите, веќе размислувате и како ќе се одвива породувањето. Во периодот што следува голем број од бремените жени имаат сè почест проблем со спиењето. Зголемениот стомак, хормоните и честата потреба за мокрење се дел од причините што ве прават будни во текот на ноќта. Најдете положба која најмногу ви одговара, а користете и перници меѓу нозете кои ќе помогнат да ви биде удобно.

 

Вашето бебе е со големина на карфиол

Просечната должина на бебето е околу 34.6 см, а просечната тежина околу 650 грама.

Бебе во 25.недела

Се развива чувството за рамнотежа

Расте косата

Интензивно се создава масното ткиво 

Симптоми што најчесто се присутни оваа недела

Проблеми со спиењето. Најдете удобна положба во креветот, ставете перници меѓу нозете, пробајте да се опуштите.

Запек. Проблемите со варењето на храната може да предизвикаат запек. Можна е и појава на хемороиди.

Инфекции на мочниот меур и бубрезите – Хормонските промени го забавуваат текот на урината, но голема улога игра и зголемувањето на матката.Таа може да притиска на мочниот меур или на уретрите кои ја доведуваат урината до мочниот меур и да врши застој на урината. И двата фактори придонесуваат за застој на урина и инфекции на мочниот меур и бубрезите.

Гасови, надуеност и киселини. Пробајте да јадете почесто, но помали оброци. Намирниците што ги јадете треба да содржат растителни влакна кои ќе ја подобрат работата на цревата и варењето на храната.

Советуваме

Пијте многу течности. На тој начин ќе ги намалите грчевите во нозете и ќе ја подобрите дигестијата на храна.

Вежбајте. Ако не сте се приклучиле на групни вежби за трудници, тогаш вежбајте во вашиот дом. Неколкуминутно раздвижување ќе ја подобри циркулацијата и ќе ги зајакне мускулите на абдоменот. Докажано е дека вежбањето во бременост ќе ви помогне да избегнете прекумерна тежина, да ги намалите болките во ’рбетот, заморот, запекот, отоците во нозете што се јавуваат по стоење и да се чувствувате многу подобро. Прочитајте Зошто да вежбате ?