27. недела

Дојдовте до крајот на вториот триместар. Вашето малечко секој ден сè повеќе и повеќе се подготвува за надворешниот свет. Голта од амнионската течност, прави движења во сè помалиот простор што му останува. Во подоцнежната бременост, како што стомакот се зголемува, ќе имате чести нагони за мокрење. На ехо прегледот видливи се сите структури на вашето малечко, па рутинските контроли се вистинско изненадување за вас и вашиот партнер. Зачувајте ги снимките од ехо, подоцна ќе посакате да се потсетите како изгледал вашиот син/ќерка кога бил/а во стомакот.

 

Вашето бебе е со големина на репка

Просечната должина на бебето сега е околу 37 см, а просечната тежина околу 870 грама.

Бебе во 27. недела

Капаците на очите се толку развиени што бебето може да ги отвора очите, да гледа во матката, да забележува светлина низ слоевите на стомакот.

Созрева нервниот систем.

Белите дробови интензивно се развиваат.

Мозокот станува сè покомплексен.

Симптоми што најчесто се присутни оваа недела

Продолжуваат симптомите од минатиот период:

Проширени вени и хемороиди. Зголемената циркулација на крв и застојот на крвта што е последица на притисокот на матката на големите вени кои ја враќаат крвта од нозете доведува до појава на кривулести синкави вени на потколениците – варикозни вени. Вени во ректумот се всушност хемороидите. Ако имате болни варикозни вени, држете ги нозете подигнати колку повеќе можете, носете чорапи за поддршка. За да превенирате хемороди внимавајте на храната со цел да избегнете запек. Внесувајте салати и многу течности. Доколку се појави локална топлина и црвенило, веднаш јавете се кај гинекологот.

Грчеви во нозете.

Болки во грбот.

Советуваме

Следете ги симптомите. Ако забележите нешто невообичаено, разговарајте со вашиот гинеколог.

Пред 3 децении предвремено родените бебиња имаа многу мали шанси да преживеат. Денеска со развојот на медицината сѐ се промени. Прочитајте ги најчестите прашања за предвремено родените бебиња

Информирајте се за сите скрининзи кои треба да се направат во третиот триместар.