31. недела

Бебето ги има развиено сите сетила. Вие се чувствувате расеано и заборавено. Тоа е сосема нормално.  На почетокот на 31. недела ги имате истите симптоми, а некои од нив можно е да се со зголемен интензитет.  Како што вашиот стомак станува сè поголем, се чувствувате како да не можете да се снајдете во просторот. Дозволете си одмор што ќе ви биде потребен да ги наполните батериите за периодот кој следува.

Важно:
Со ултразвучен преглед во третиот триместар (30-34 недела) се проверува пропорционалниот и правилниот раст на бебето. Се детектира дали има застој во растот на бебето. Со помош на доплер се анализира дали циркулацијата на крв преку папочната врвка кон бебето е доволна, а доколку не е, кога е идеално време да се заврши бременоста, а во исто време да се добие зрело и здраво бебе.

 

Вашето бебе е со големина на ананас

Просечната должина на бебето сега е околу 41 см, а просечната тежина околу 1500 грама.

Бебе во 31. недела

Органите се веќе комплетно формирани, заостанува само созревањето на белите дробови.

Интензивен развој на мозокот и нервите

Ирисот на очите реагира на светлина

Симптоми што најчесто се присутни оваа недела

Проблеми со дишењето. Бебето притиска на белите дробови.

Braxton Hicks контракции. Пијте доволно количество вода.

Осетливи гради. Кај некои идни мајки веќе е создаден колострумот (првото млеко)

Чести мокрења. Бебето притиска на мочниот меур.

Болки во грбот. – Како што вашето бебе продолжува да расте, хормоните на бременоста ги релаксираат зглобовите на карлицата и крстната коска. Овие промени може да доведат до болка во ’рбетот. Кога седите изберете стол со добра поддршка. Замолете го партнерот за масажа. Носете чевли со ниска потпетица, но не рамни и со добра поддршка на табаните. Ако болката не поминува обратете се кај гинекологот.

Проблеми со спиењето. Големиот стомак, хормоните, болките и киселините се доволна причина за несоница.

Советуваме

Уште пред да се роди бебето, телото на мајката се подготвува за создавање млеко. Кожата над градата станува поеластична, а брадавките  и ареолата потемни. Во пределот на ареолата се развиваат масни жлезди кои лачат масни материи заради заштита од инфекција, а воедно и даваат мекост. Затоа не е потребно користење средства за дезинфекција. Доволно е само миење со чиста вода еднаш на ден за да не се уништи овој заштитен слој. Во текот на бременоста градите го зголемуваат својот обем, поради развојот на жлезденото ткиво кое е одговорно за создавање млеко. Прочитајте повеќе како се создава млекото.