Малиот NICU херој Кан си оди дома

На 17 мај се роди малиот Кан, првата радост на семејството Асани. По 26 дена на Ненонатална интензивна нега, малиот убавец си оди дома. Докторите кои се грижеа за неговото здравје велат дека Кан, иако се родил многу мал, во 33. гестациска недела, со тежина од 1430 грама, сега е здраво бебе кое има нормален живот.

За бременоста на мама Бонита се грижел д-р Митко Ивановски, доктор кому родителите му се бескрајно благодарни. По порадувањето, грижата за малото бебе ја презела д-р Станка Танчева Крстевска.

„Кан се роди многу мал, во 33. гестациска недела, со тежина од 1430 грама. Причина за предвременото раѓање е предвремено одлепување на постелката, состојба која во перинатологијата е критична и за мајката и за бебето. Со навремена интервенција – итен царски рез, раѓањето заврши добро. Како резултат на предвременото раѓање и асфиксијата, настапи перфорација на дел од тенките црева. Бебето беше оперирано од тимот детски и абдоминални хирурзи. По извршената интервенција, следеше период на интензивно лекување, со постепено возвраќање на цревните функции и адаптација на храна. Кан е сега здраво бебе, со тежина околу 2 килограми. За кратко време го очекува уште една интервенција, по која се очекува да има комплетно нормален живот“ – објаснува д-р Станка Танчева Крстевска, специјалист по педијатрија. 

Гордите родители велат дека се пресреќни што Кан сега е доволно силен да се избори со сите предизвици и си оди во својот вистински дом.

„Им благодариме на д-р Митко Ивановски, на д-р Станка Танчева-Крстевска и на целиот тим од Одделот за неонатална интензивна нега за посветеноста и професионалноста во работата. Со нивната стручност и нашата силна верба ги поминавме сите предизвици кои ги носи предвременото породување“ – вели семејството Асани.