fbpx

Магнетната резонанца во бременост е потполна безбедна

Магнетната резонанца е најсовремена дијагностичка метода со чија помош може да се прегледаат сите делови на телото. Оваа метода кога е потребно безбедно се користи и во бременоста за дијагностицирање на евентуалните нарушувања во развојот на органите и системите на плодот (фетусот), пред сè на централниот нервен систем, `рбетниот мозок како и на органите од градниот и абдоминалниот дел.

Но, покрај плодот, со овој преглед воедно може да се детектираат и евентуални несакани промени на матката и јајчниците кај идната мајка кои би можеле да ја комплицираат бременоста (тумори на репродуктивниот систем, поставеност на постелката и сл.)

Кога е најбезбедно да се направи?

Според препораките на Светските здруженија за заштита на здравјето на човекот, оваа процедура најбезбедно е да се изврши по 15-тата недела од бременоста. Тоа е вистински момент кога можат рано да се дијагностицираат аномалии во развојот, а од друга страна да не се нанесат евентуални штетни последици по плодот (фетусот), иако досега нема научно потврдени несакани ефекти. Во периодот кога органогенезатa на плодот е во тек, не се инсистира на преглед со магнетна резонанца, освен ако трудницата не е животно загрозена. За оваа процедура не е препорачливо да се користи контрастно средство кое се дава интравенски бидејќи истото ја поминува постелката  и влегува во крвотокот на плодот.

Зошто магнетна резонанца наместо ехо преглед?

Магнетната резонанца овозможува приказ во три различни димензии и истовремено овозможува високо диференцирање на ткивата и органите, особено на централниот нервен систем.

Во ситуации кога ќе се дијагностицира одредена промена или аномалија на плодот, гинекологот кој ја води бременоста  дава совет за понатамошниот тек на бременоста.

Во случаи на повеќебројна бременост (двојки, тројки) во која се дијагностицирани аномалии, се дава совет за селективност на здравите плодови, во интерес на здравјето на трудницата и здравјето на идните поколенија.