Правила за успешно доење

Доењето е најважната и најдрагоцена улога на мајката. Сепак, тоа е ново искуство, па нормално е да се чувствувате несигурно. Доењето е вроден инстинкт кај новороденчето, но за да му овозможите успешно доење потребно е и вие да ги научите правилата на доење.

• Пред да почнете со доењето задолжително добро измијте си ги рацете. 

• Потрудете се просторот каде што ќе го доите вашето бебе да биде тивок и мирен.

• Заземете удобна позиција и потпрете го `рбетниот столб. 

• Наместете го бебето во скут со лицето свртено кон вас. Ставете му ја главата во пределот на лакотот на раката и со истата рака и дланка потфатете го во делот на колкот и нозете.

• Насмевнете му се на вашето бебе и помагајте му да ја најде брадавицата со тоа што ќе ја доближите до усните и брадата (со тоа бебето го развива рефлексот на пребарување)

• За време на доење не само брадавицата туку и целиот кафеав дел од дојката (ареола) ставете го во устата на вашето бебе. Правилно спроведување на овој процес овозможува забрзано лачење на млекото и спречува создавање пукнатини во градите. Кога ја местите дојката во устата на вашето дете држете ги 4-те прсти под дојката и палецот над дојката оформувајќи ја буквата С. Со оваа позиција овозможувате носот на вашето бебе да остане отворен и тоа лесно да дише.

• Доколку го наместите вашето бебе на дојката правилно, нема да остане простор меѓу брадата на бебето и дојката.

• Вашето бебе може да голтне воздух за време на цицањето или плачењето. Затоа за време и по доењето тоа треба да го исфрли насобраниот воздух, односно детето да икне. Наместете го вашето бебе на рамо или на граден кош со лицето поставено кон вас. Со масажа на грбот лесно ќе го извади воздухот кој го голтнало. Доволно ќе биде да направите масажа со лесни потапкувања неколку минути.