Совети за полесно доење

Доењето е најдобриот избор за храна за вашето малечко. Дали сé ќе биде во ред, дали ќе имам доволно млеко, дали бебето ќе почне да цица веднаш? Милион прашања ги мачат жените уште во бременоста бидејќи сакаат да овозможат идеални услови за раст и развој на бебето. Во продолжение ви даваме совети и инструкции кои ќе ви го олеснат доењето. 

- Сместете се удобно пред да почнете со доењето. На почеток, за да го олесните доењето, поставете перница на која ќе го поставите бебето.

- За време на доењето гледајте го бебето во лице. На тој начин се остварува уште подлабока врска.

- Поставете го телото на бебето поблиску до дојката. Главата и рамениците на бебето треба да бидат во права линија. Лицето свртете го кон дојката, а носот поставете го спроти брадавицата

- Со лесна стимулација на усната на бебето се стимулира рефлексот на вртење со што бебето ја врти главата кон брадавката и ја отвора широко устата.

- Со брзо движење се придвижува бебето кон градата, а не градата кон бебето. Неговата долна усна треба да биде под дојката. Брадата на бебето потпрете ја на градата.

- При доење бебето треба да ја цица целата ареола, а не само брадавицата. Со тоа се олеснува доењето, а се превенира појава на рагади и рани на брадавиците. Придржувајте ја градата така што поставете ги прстите на градниот кош под дојката (показалецот се потпира на базата на градата). Со палецот може да притисне на врвот на градата. 

- Цицањето треба да е бавно, длабоко и силно, проследено со паузи. Притоа може да се слушне голтање на бебето

- Ако почувствувате болка при обидот за доење, треба да се прекине истото со вовлекување прст во устата на бебето и повторно да се обидете со истата процедура за доење.

- При доењето бебето дише низ ноздрвите. Со прстите на ареолата му овозможувате  доволен простор на бебето за дишење.

- Пожелно е да се менуваат положбите на доење. Со тоа се олеснува дренажата на сите канали и се превенира застој на млеко во градата.

- Пожелно е бебето да цица од двете гради или наизменично од секоја града.

- Во тек на првите месеци  не користете шише или цуцла бидејќи може лесно да се одвикне од цицање.