Бидете физички активни и грижете се за забите во бременоста

Физичката активност и умерените вежби во бременоста се од огромно значење пред сѐ за мајката а сето тоа индиректно делува позитивно и врз развојот на плодот. Од голема важност е и бремените жени да знаат, но и да практикуваат правилно држење на телото во седната положба како и правилно наведнување со цел да ги превенираат болките во долниот дел на грбот. Бременоста само по себе предизвикува промени на телото, а тежината на плодот сама по себе е доволна причина за појава на неудобност, болка во грбот и неправилно држење на телото. На вчерашното предавање, д-р Аница Хаџи Петрушева Јанакијевиќ потенцираше дека правилното движење и умерените вежби се клуч за виталност на мускуло-скелетниот систем за време на бременоста, а самите вежби ја подобруваат циркулацијата а со тоа и снабдувањето на плодот со хранливите материи преку папочната врвка.

Вториот дел од предавањето беше посветено на оралната хигиена во бременоста која истотака е од големо значење, бидјеќи самата бременост го зголемува ризикот од појава на воспаление на непцата, а здравјето на усната празнина може да влијае врз развојот на бебето. Токму затоа, во овој период се препорачуваат рутински стоматолошки прегледи кај сите идни мајки. Д-р Блерта Заќири Абдули потенцираше дека редовната хигиена на усната празнина и правилната исхрана се клучот за здрави заби и безбедна бременост.

Следното предавање кое е дел од Едукативната програма за идни родители на тема Спонтано породување или царски рез ќе се одржи следната среда (2 декември). Предавањата се бесплатни и отворени за сите заинтересирани идни родители. Во прилог е и целата програма едукативни предавања до крајот на годината.