Донирани јајце клетки, новитет на Одделот за ИВФ

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ потпиша договор со најголемата украинска банка за јајце клетки „First egg bank“. Со ова пациентките кои имаат потреба од донирани јајце клетки во процесот на асистирана репродукција ќе може да ги добијат во „Аџибадем Систина“ без да патуваат надвор од земјава.

„First egg bank“ е дел од реноминираната болница „Интерсоно“ во Украина специјализирана за ИВФ. Со 15-годишно искуство во ИВФ, досега има склучено договор со болници од 11 земји меѓу кои и: Израел, Англија, Белгија и Австрија. Банката има повеќе од 200 донори на возраст од 18 до 36 години. Донираните јајце клетки се со највисок квалитет, според европските критериуми, и на нив е направен скрининг за инфективни и наследни болести.

Донација на јајце клетки е потребна за пациентки:

-По хемотерапија
-Без оваријална резерва
-По операција на јајчници
-Со ендометриоза
-Постари од 40 години

Секоја пациентка има право да го одбере донорот од каталогот на банката, каде се дадени фотографии од донорите кога биле бебиња. На секој донор стојат карактеристики како висина, тежина, природна боја на коса, боја на очи, крвна група, како и BMI.