По 86 дена поминати во инкубатор, Елена сега е здраво дете

Сега, преживувањето кај предвреме родените деца веќе не е предизвик. Предизвик е да порасне дете со нормален, квалитетен живот, изјави д-р Фидановски, неонатолог од клиничката болница „Аџибадем Систина“

Никогаш, ама никогаш не се откажувајте од вербата дека вашето предвреме родено бебе ќе израсне во здраво дете. Оставете го во најдобри раце и верувајте дека се ќе заврши како што треба. Друго, како родител, сте немоќни да направите. Оваа охрабрувачка порака од Ивана Христова, мајка на предвреме родената Елена, добива своја потврда кога ќе видите дека пред вас стои пргаво петгодишно девојче, за кое не би претпоставиле дека на свет дошло со само еден килограм тежина

Деца колку Елена и помали од неа, денес се дружеа во клиничката болница „Аџибадем Систина“, за да го одбележат 17 Ноември, Светски ден на предвремено породување. За нив се грижеле докторите и сестрите од Одделот за неонатологија, кој располага со интензивна нега и каде што се третираат новороденчиња кои се недоносени, кои се критично болни, кои имаат инфекции...

Целта да преживеат и добро да напредуваат е предизвик и за лекарите и за родителите. Елена е родена во 30. гестациска недела, но е созреана како за 29. недела. Д-р Слободан Дракулевски од почеток ја водел бременоста на мајката како патолошка бременост поради висок крвен притисок. Било јасно дека породувањето ќе биде пред време, но се надевале да истераат барем до 34. недела. Се случило спротивното - Елена се родила четири недели пред очекуваниот термин, со тежина од еден килограм и сто грама и со неразвиени бели дробови. Веднаш била ставена во инкубатор. Во него поминала 86 дена

- Нашата малечка беше ставена на машина за дишење и долго беше зависна од нив. Белите дробови беа критични, се правеше трансфузија на крв. Целиот персонал на чело со д-р Душко Фидановски се однесуваа кон неа како со свое дете. Максимално се посветија Елена да излезе од инкубаторот. Тоа се тешки денови. Постојано се плашиш дека детето нема да ти преживее. Мислиш дека секое гледање може да е последно. И тоа е реален страв на родителот, но и на докторот - вели Ивана.

Елена излегла од инкубатор по три месеци. Имала неполни два килограми.

- Тоа е едно од децата кои најдолго престојуваа кај нас. Имаше респираторни проблеми и проблеми со исхраната. Предизвиците успешно ги надминувавме. Таа преживеа и се справи со сите компликации. Потоа имаше уреден раст и развој и е здраво дете. Сега, преживувањето кај предвреме родените деца веќе не е предизвик. Предизвик е да порасне дете со нормален, квалитетен живот - изјави д-р Фидановски.

На светско ниво, едно од десет новороденчиња се раѓа предвреме. Во Македонија нема прецизни податоци, но се смета дека пред термин се раѓа едно на 15 деца.  Од лани досега,процентот на предвреме родени деца кај нас е зголемен за три отсто.

Телеграф.мк