fbpx

Вродени срцеви аномалии кај децата

Сознанието дека вашето дете има вродена срцева мана може да биде застрашувачко. Голем број од родителите не знаат дека застапеноста на вродените срцеви маани e од 6 до 9 на 1000 живородени новородени. Сепак, добро е да се знае дека денес медицината, технологијата и искуството може да понудат точна дијагноза и соодветен третман кај речиси секој тип на срцева мана.  Феталната ехокардиографија која е задолжителен преглед во бременоста  е метода која овозможува откривање на вродените срцеви аномалии кај фетусот уште во најрана фаза од бременоста.

Најчести срцеви мани кај децата

Застапеноста на нецијаногените срцеви аномалии е почеста од комплексните цијаногени аномалии. Структурните дефекти на коморната преграда (вентрикуларен септален дефект) сe со застапеност од 30-40%, на преткоморната преграда (атријален септален дефект) со 10-15%, потоа следат структурните промени на залистоците и сл.

Дали сите срцеви аномалии кај деца имаат симптоми?

Речиси сите срцеви аномалии се јавуваат со некаков симптом. Некои од симптомите се јавуваат веднаш по раѓање на детето, а други симптоми се јавуваат подоцна во детството. Срцевиот шум е најкарактеристичен знак кој упатува на можна срцева мана, но, сепак, не секој шум на срцето е знак за срцева мана. Педијатарот преку преглед со стетоскоп може да одреди дали слушнатиот шум на срцето е знак за срцева мана или не бидејќи невиниот или функционален шум на срце е најчесто присутен при аускултација, а во основа кај овие деца се работи за здраво срце.

Дијагноза на срцеви аномалии

Доколку се слушне шум на срцето, потребно е да се направат дополнителни иследувањa, како што се електрокардиограм (ЕКГ), ехокардиограм, и рендгенграм (РТГ) на срцето и белите дробови. Овие превентивни прегледи се многу важни кај новороденчињата и се прават со цел на време да се откријат можните аномалии на срцето.

Како се лекуваат срцевите мани?

Некои поедноставни срцеви аномалии како мали отвори на преградите на коморите и преткоморите можат сами по себе да се затворат, така што не е потребен хируршки третман, освен редовни контроли кај педијатар-кардиолог. Посложените срцеви мани бараат хируршки третман или примена на интервентна кардиологија. Сепак, одлуката за третманот на самата срцева мана зависи од типот на истата.

Шум на срце

Најчестиот тип на срцев шум е наречен функционален или невин. Оваа дијагноза значи дека шумот не е поврзан со срцева мана туку се работи за здраво срце и нема никаква опасност по здравјето на детето. Овој шум се јавува и исчезнува во детството, без да има потреба од каков било третман.

Дали срцевите аномалии се причина за смрт кај спортисти?

Повремено сме сведоци на ненадејна смрт кај млади спортисти. Честа причина за ваков резултат се недијагностицирани аномалии на крвните садови кај срцето, болести на срцевиот мускул (ми- окардиопатии) и нарушувања во ритамот на срцето. За да се спречи оваа појава, пред да се започне со активно спортување кај секое дете треба да направи преглед на срцето, како што е ехокардиографија, електрокардиограм, стрес- тест, а во некои случаи компјутеризирана томографија и магнетна резонанца, со цел да се дијагностицираат горенаведените срцеви проблеми. Доколку се утврди некое нарушување кај срцето или големите крвни садови треба да се спроведе соодветен третман, кој би го спасил животот на малиот пациент.

Рано откривање на вродени срцеви мани

Феталната ехокардиографија е метода која овозможува откривање на вродените срцеви аномалии кај фетусот уште во најрана фаза од бременоста. Следејќи ги светските трендови, но и поради високиот процент на вродени срцеви аномалии кај неризичните групи на трудници, фетал- ната ехокардиографија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се наметна како рутински скрининг во пренатална дијагностика на структурните аномалии на феталното срце.