fbpx

Карактеристики на новороденчето

Кожата: по раѓањето бојата на кожата на новороденчето може да биде од сина (модра) до розова боја. Таа е почувствителна и потенка, за разлика од кожата на возрасните. Во првите денови по породувањето на кожата можат да се појават црвени дамки со жолт дел во средината. Овие дамки се сосема безопасни и исчезнуваат по 15 дена.

Вид и слух: новороденчето веднаш по раѓањето има сетило за вид, слух, вкус и мирис. По само неколку дена бебето ќе почне да си ја распознава мајката. На растојание од 15-20 см новороденчињата јасно можат да ги видат предметите, додека на поголемо растојание предметите само ги забележуваат во силуетна форма. Солзите кај новороденчињата се јавуваат по 2 месеци. Не постојат информации за штетните ефекти на блицот при фотографирање.

Причини за плачење на новороденчето: новороденчето се изразува преку плачење. Тоа е нормална и очекувана појава кај бебето. Најчесто плаче кога има некои потреби како на пример: кога е гладно, кога е потребно да се смени пелената или, пак, кога има грчеви во стомачето.

Кога ќе се елиминираат сите овие причини, можно е новороденчето да продолжи со плачење, иако според вас не постои некоја посебна причина. На бебето, освен што има физички потреби, неопходна му е и емоционална исполнетост. За да се задоволат емоционалните потреби на новороденчето не е потребно вложување голем труд, доволно би било само пренесување на вашите топли чувства при заедничко поминување на времето.

Позиции на легнување на новороденчето: душекот од креветот во кој ќе го легнете новороденчето не треба да биде многу мек, ниту, пак , премногу тврд. По препорака на вашиот педијатар може да користите тенка перница.

Во текот на денот или во период кога сте во можност да го следите новороденчето, може да го легнете на грб, со главата поставена на страна (за да може вишокот млеко од устата да се исцеди)

Својство на телото: главата на бебето е поголема во однос на пропорцијата на телото. На главата постојат меки предели наречени фонтанели кои во одредени ситуации, при нормално породување можат да бидат повредени. Повредите можат да настанат најчесто на тврдите делови и се нарекуваат породилен оток или надув кој најчесто се повлекува за неколку дена. Најчеста причина за ова е преминот на главата низ породилниот канал за време на породувањето. Нозете може да бидат свиткани навнатре, а околу носот и брадата може да има масни меурчиња, но и модринки во пределот на тртникот. Сето ова е нормално.

Губење тежина: нормално е вашето бебе во првите недели да губи од телесната тежина. Доколку губи до 10-15%  тоа е нормално, но ако овој процент се зголеми тогаш консултирајте се со вашиот педијатар. По првите две недели бебето треба да почне да ја покачува  телесната тежина. Сите овие појави ќе бидат забележани од страна на вашиот педијатар при контролните прегледи.

Првата екскреција: првиот измет се нарекува мекониум, има темно зелена боја и е леплив. По 2-3 дена како што цица мајчино млеко столицата на бебето станува водена и добива темно жолта боја. Бебињата кои цицаат мајчино млеко може да „какаат“ по секое доење или во просек 7 до 8 пати во текот на денот. Дефекацијата се намалува со текот на следните месеци, па од 7 до 8 пати на ден може да дојде и до еднаш на 3 до 4 дена. Доколку нема грчеви во стомачето и бебето не е вознемирено, не треба да се интервенира. Ако бебето „мочка“ и „кака“ 7-8 пати на ден и добива тежина регуларно се смета дека му годи мајчиното млеко и тоа ги задоволува неговите потреби.

Отекување на градите, вагинално крвавење, исцедок:  поради ефектот на хормони од бременоста пренесени од мајката, и кај машки и кај женски бебиња може да се излачи млеко од градите или да се појави отекување и тврдост во градите. Доколку ги забележите овие промени не треба да ги масирате или стискате градите. Кај женски бебиња може да се појави вагинален исцедок, дури и крвавење, што исто така се должи на хормоните пренесени од мајката на бебето. Кај машките бебиња може да се појави отекување на кожата која се наоѓа во пределот на тестисите. Од 6. до 12. недела оваа состојба се нормализира. Кај 4% од машки бебиња се јавува состојба каде тестисите не се спуштени. Доколку ова е случај со вашето бебе, консултирајте се со вашиот педијатар или детски уролог.