fbpx

Што го отежнува доењето

Доењето е природен процес и затоа треба лесно да се совлада. Но, младите мајки многу често имаат проблем со техниката наречена доење.

1. Болна брадавица: Нормално е да чувствувате болка во брадавицата кога бебето ќе почне да цица, особено ако ви е прво дете и првпат доите. Но, доколку добро го позиционирате бебето и тоа со целата уста ја опфати брадавицата и дел од ареолата ( потемниот дел околу брадавицата), оваа болка ќе ја сведете на минимум.

Совет: Релаксирајте се и заземете добра положба  грбот да ви е исправен и потпрен и во седечка и во лежечка позиција) и наместете го бебето во „крило “ со лицето свртено кон вас. Ставете му ја главата во пределот на лакотот на раката и со истата рака и дланка потфатете го во делот на колкот и нозете (бебето да лежи на вашата подлактица). Насмевнете му се на вашето бебе и помогнете му да ја најде брадавицата со тоа што ќе ја доближите до усните и брадата (со тоа бебето го развива рефлексот на пребарување). За време на доењето не само брадавицата туку и целиот кафеав дел од дојката (ареола) ставете го во устата на вашето бебе. Правилното позиционирање на вашето бебе за време на доењето и честите подои (по барање (demand) на бебето) ја зголемува количината на мајчиното млеко и спречува создавање рагадии ( пукнатини на тенката и нежна кожа на брадавиците).

Кога ја местите дојката во устата на вашето дете држете ги 4-те прсти под дојката и палецот над дојката оформувајќи ја буквата С. Бидете сигурни дека бебето е добро поставено, односно носето на вашето бебе е отворено и тоа лесно  дише и нема простор меѓу брадата на бебето и дојката.

2. Испукана брадавица: Напукнатите брадавици може да бидат резултат на многу сува кожа, инфекција, неправилно позиционирање на бебето или од пумпата за измолзување ( неправилно користење).

Совет: Поставете  го бебето во правилна позиција, а по доењето внимавајте брадавиците да бидат суви и отворени и на крај од доењето пак премачкајте ги со дебел слој маст на база на ланолин (природен препарат кој не му пречи на бебето)  или едноставно премачкајте ги со измолзено мајчино млеко. Кога излегувате од дома користете влошки за брадавици за да го спречите триење на  болните брадавици од облеката. Избегнувајте да ставате алкохол, сапун или шампон бидејќи тие ги сушат и оштетуваат брадавиците. Едноставно, хигиената на брадавиците одржувајте ја со топла вода.

3. Затнување на млечните канали: Најчеста причина за затнување на млечните канали се скратените и нередовни подои, неправилното позиционирање (лоша поставеност) за време на подојот или постојан притисок од несоодветна облека. Ако мајката го ограничува траењето на подојот, времето што му е потребно на бебето да ги испразни градите, ако го скрати ноќниот подој, користи цуцла лажливка или се дава дополнителна исхрана (вештачко млеко), доведува до преполнување на дојките и зголемен ризик од појава на маститис.

Разликата меѓу затнатите канали и инфекција на дојката е само еден степен. Затнатите канали се однесуваат на болна или осетлива дамка или грутка на дојката која не е придружена со покачена температура. Оваа состојба се јавува поради несоодветно испразнети млечни канали. Притисокот кој се јавува зад затнатиот канал предизвикува воспаление на околното ткиво. Вообичаено се јавува на едната дојка. Вашата дојка е болно осетлива и постои црвенило, обично странично.

Доколку болката или грутката е придружена со треска, слабост, замор или изнемоштеност, станува збор за инфекција на дојката. Вообичаено се јавува на едната дојка и треба веднаш да побарате помош од лекар.

Совет: Без разлика дали болката е предизвикана од затнати канали или од воспаление на дојката, третманот е ист, топли облоги на вашите дојки, добро ќе ви дојде одмор и честа масажа на дојките и доење на болната страна. Најважно е да се обидете да немате долги паузи меѓу два подои. Обрнете внимание и на негата на брадавицата, но и регулирајте го стресот кој негативно влијае врз лактацијата на млекото.

Топлите облоги ја зголемуваат циркулацијата околу болното место. Може да се користи и термофор или водена пареа. Во овие случаи помага и блага масажа во пределот на затнатите канали. Масажата почнува зад заболеното место (грутката) со кружни и нежни движења на прстите во правецот на брадавицата. За да се ослободи затнатиот канал комплетно, по топлата бања и масажата се препорачува доење или измолзување на млекото.

Честото доење ќе спречи преполнување на дојките и ќе овозможи лесен и слободен проток на млекото. Сè додека дојката е набрекната или топла на допир, охрабрувајте го бебето да цица, и тоа секогаш понудете ја болната дојка.

Одморот има значаен дел во лекување на затнатите канали и воспоставување лактацијата. Одложете ги дневните активности, посети и релаксирајте се. Ова е најубавиот миг во вашиот живот. Одморајте во полулегната позиција кога и бебето спие.

4. Преполни дојки / Голем проток на млеко од дојката: Големиот проток на млеко во млечните канали може да биде проблем при доењето бидејќи може да доведе до преполнетост на дојките, а може да е причинето од бебето и/или мајката.

Бебето сè уште не ја совладало вештината на исцицување, поспано е поради новороденечка жолтица, со мала родилна тежина (слабо и кревко) и не е во можност да ја исцица целата количина млеко.

Совет: Обидете се рачно или со пумпа за рачно измолзување да го измолзете вишокот млеко и продолжете со доење на вашето бебе.

5. Маститис: Маститисот е воспаление на дојката предизвикано од микроорганизми и речиси триесет отсто од доилките развиваат мастит проследен со температура, треска, главоболка, а понекогаш и со повраќање и гадење. Најчесто се јавува во првите 3 месеци. Обично е засегната само едната дојка. Причините се: разранета брадавица (која е влезна врата за бактериите), со истовремен застој во млечните канали, но и тесен градник, неправилен ритам на доење, анемија, стрес и замор.

Совет: Воспалението предизвикано од маститисот се лекува со антибиотици (назначени од лекар), топли облоги и често измолзување на афектирана града. Со спроведување  на овие мерки воспалението се повлекува за 24 часа. Доењето не треба да се прекинува и во овој период. Мајката не треба да се плаши дека инфекцијата ќе се пренесе на бебето затоа што во овој случај воспалено е жлезденото ткиво, а не млекото.

6. Разранети брадавици со рани: Разранетите брадавици се сериозен проблем, кој бара внимание од доктор, но и брзо дејствување. Најчесто настануваат поради неправилно позиционирање и врзување на бебето во текот на доењето.

Совет: Правилна положба на бебето во текот на доењето. При доењето 2.5 см од дојката (брадавицата и дел од ареолата) да биде ставена во устата на бебето. Времетраењето на доењето по можност да се ограничи на 20 минути. По секој подој брадавиците да се исушат на воздух и на крајот на доењето да се измолзат неколку капки млеко и да се намачкаат брадавиците, или да се премачкаат со маст на база на ланолин што помага во заздравување на раните. Доколку имате многу болни и раскрвавени брадавици, консултирајте се со доктор.

7. Недоволно млеко: Доколку вашето малечко и покрај тоа што го доите не напредува добро, можеби причината  е неправилната техника на доење или, пак, немате доволно млеко (запомнете, тоа е систем на празнење и полнење, колку почесто го ставате вашето бебе на града да цица  толку се создава поголема количина млеко).

Совет: Хранете се здраво, внесувајте витамини и минерали, одморајте се со цел да добиете доволно млеко. Доколку вашето млеко не ги задоволува потребите, тогаш почнете со дополнителна исхрана (но само во договор со вашиот педијатар)

8. Бебето ви заспива на дојката: Сигурно многупати додека сте го доеле вашето бебе се случило да ви заспие на дојката. Причина за ова може да биде замор, физиолошка жолтица и сл. Од тие причини бебето не успева да исцица доволна количина млеко.

Совет: Кога ќе забележите дека бебето за време на цицањето забавува и почнува да ги затвора очињата, тргнете го од дојката и почнете нежно да го будите. Како што бебето расте така ќе биде во состојба да остане будно подолго време и нема толку брзо да се заморува. 

9. Рамни или вовлечени брадавици: Анатомски некои мајки имаат рамни или вовлечени брадавици, и истите претставуваат пречка во позиционирањето и доењето на бебето кое тешко ги прифаќа, а тоа значи дека со проблем се соочуваат и мајката и бебето. Најважно е дека во текот на првата и втората недела од доењето со упорност и трпеливост овој проблем може да се реши.

Совет: Правилното позиционирање на бебето само ќе помогне во извлекување на брадавиците. Пожелно е пред подојот мајката со стимулација ( со кружни движења, со пумпа или со шприц) да ја извлече брадавицата. Пред да се роди бебето може да се направи едноставен тест на брадавици при што се открива постоење рамни или вдлабнати брадавици. Тоа се изведува на следниот начин: палецот и показалецот се поставуваат на ареолата (темна зона околу брадавицата). На базата на брадавицата треба да се притисне при што треба брадавицата да се испакне. Ако таа се вовлече, потребно е да се преземат мерки, да се масираат дојките, особено брадавиците, со крпа, што придонесува за развој на брадавиците.

10. Инфекција со кандида (сор)Инфекцијата со кандида е честа габична инфекција што ги зафаќа лигавиците. Може да се јави и кај мајката и кај бебето. Ако кај мајката се појават болни брадавици, силни болки во дојките во текот или по доењето, печење, чешање и црвенило на брадавиците, тоа може да значи инфекција со кандида. Kај бебето може да се јават бели наслаги во устата, на непцата или на јазикот со што доењето е отежнато.

Совет: Сорот не е сериозна инфекција, но треба да се лекува и кај бебето и кај мајката. Се препишуваат капки "нистатин" за бебето (од страна на педијатар), а мајката се лекува со маст за локално лекување. Нема потреба од прекинување на доењето, но треба да се внимава добро на хигиената на рацете пред и по доењета, хигиената на дојките и пумпите за измолзување.