fbpx

Нега на мајката по породувањето

По спонтано породување или породување со царски рез кога ќе се вратите дома туширајте се секој ден. Исцедокот по породување може да трае од 4 до 6 недели, со постепено намалување и затоа треба на внимавате на вашата лична хигиена. Доколку имате епизотомија, за соодветно негување по секоја посета на тоалет треба да користите  средства за хигиена препорачани од вашиот доктор. За да го забрзате времето на заздравување на раната внимавајте таа секогаш да е сува. Често менувајте ја влошката и не користете крема или пудра. По 10 дена вашата рана ќе зарасне, но доколку чувствувате болка, непријатен мирис или забележите исцедок од раната, веднаш контактирајте го вашиот гинеколог.

Во текот на првата недела по породувањето може да се јават болки во долниот дел од стомакот како последица на нормалните контракции на матката. Со овие контракции матката се враќа во првобитната состојба пред породувањето. Тие можат да бидат поинтензивни при доење. Матката, на мајките кои дојат, побрзо се враќа во првобитната состојба и тие чувствуваат помала болка и крвниот исцедок трае пократко.

Во првите денови добродојдена е помош од вашите блиски кои може да ви помагаат во извршување на секојдневните активности. Секој слободен момент користете го за одмор, тоа ќе ви помогне за поголемо лачење на млекото и ваше поскоро закрепнување. Не заборавајте да пиете 2-3 литри вода на ден.

Првите денови по породувањето, посебно кога почнува да се лачи млекото, кај некои мајки може да се јават промени на расположението, како плачење без причина, тага, грижа, анксиозност. Овој период, кој се јавува поради хормоналните состојби, полесно ќе го поминете со поддршка од вашите блиски. Оваа состојба се нарекува постпородилно сивило (baby blue). Ако оваа состојба трае подолго кај пациентката, треба да се консултира со доктор.

Доколку имате потреба од помош при доењето, може да побарате совет од медицинската сестра која е одговорна за вашето бебе и која ќе ви помогне во процесот на доење.

Иако не се препорачуваат лекови во периодот по породувањето, доколку има потреба може да бидат препишани од вашиот лекар и треба да продолжите со мултивитмините кои сте ги пиеле во текот на вашата бременост.

Поради тоа што крвавењето по породување може да трае до 6 недели, за сексуален однос чекајте до крајот од овој период. Во текот на првите односи може да се појави чувство на сувост, намалено или зголемено либидо. Оваа хормонална промена со текот на времето ќе се врати во нормала.

6 недели (40 дена) по породувањето посетете го вашиот доктор за контрола. Разговарајте и за начините за заштита од бременост.