fbpx

За многу деца учењето е проблем и напор кој долго трае, а не ги дава очекуваните резултати. Тогаш училиштето е досадно, а учењето заморно. Кога детето не учи или не може да го совлада материјалот, наместо да викате, казнувате или да им ги пишувате домашните задачи, почнете да му помагате полесно да учи и да постигне подобри резултати. Постојат одредени техники кои ќе ви помогнат да ги избегнете секојдневните „војни“ со вашето дете. Прочитајте ги нашите совети кои ќе ви помогнат вам и на вашето дете учебната година да ја поминете лесно и забавно.

Изберете соодветно место за учење

           Просторијата во која детето ќе учи треба да биде добро осветлена. Настојувајте во близина да нема телевизор или компјутер и просторијата да биде тивка за да не го одвлекува вниманието. Најдобро за учење е детето да седне на стол. Никогаш не практикувајте да учи легнато в кревет или на фотелја зашто удобноста ќе ја намали ефикасноста во учењето.

Одлучете кој дел од денот ќе биде посветен на учење

            Многу е важно  децата да имаат време резервирано за учење. Не се препорачува детето да учи веднаш откако ќе се врати од училиште, како што многумина родители практикуваат. Во кој дел од денот ќе се учи договорете се со вашето дете. Разговарајте и заедно одлучите кога најмногу му одговара. За да го охрабрите, додека тоа учи, вие земете да читате весник или книга. Времето за учење да биде околу 45-50 минути, со задолжителна пауза од 10 до 15 минути бидејќи при долго и континуирано учење детето губи концентрација и времето ќе биде потрошено залудно. Сепак, сите деца не се исти, на некои им е потребно помалку, а на други повеќе време за учење.

Техники за полесно учење

            Кога се учи нова лекција, не треба веднаш да се запомни. На детето посочете му првин да ја прочита лекцијата, да ги забележи деловите кои се важни и да се обиде да ја сфати суштината. Потоа треба да прочита еден дел и да го подвлече она што е важно. Научете го детето во текот на учењето да си поставува прашања и да се обиде да ги одговори. На овој начин полесно ќе ја сфати суштината. Откако ќе го разбере она што е подвлечено, нека се обиде да го повтори неколкупати, со свои зборови, додека не го научи. Многу важно е да повторуваат на глас бидејќи децата на школска возраст многу полесно учат додека слушаат. Доколку имаат за учење повеќе предмети, посочете му  да почне со оној предмет кој потешко му оди.

Наградете го за трудот  

            Пофалбата е најдобра награда за постигнатиот успех. Секако, добрите оценки треба да ги прославите така што на детето ќе му овозможите нешто што тоа посебно сака, но сепак не треба да претерувате со награди за секој успех. Ако детето добие слаба оценка, замолете го да ви ја објасни причината за слабиот успех. И запомнете, немојте место детето вие да му ги пишувате домашните задачи и да му читате лектири зашто на овој начин наместо да му помогнете, ќе му го отежнете процесот на учење и ќе му го загрозите успехот во понатамошното школување.