fbpx

Фетална ехокардиографија

Феталната ехокардиографија е метода која овозможува откривање на вродените срцеви аномалии кај фетусот уште во најрана фаза од бременоста. Следејќи ги светските трендови, но и поради високиот процент на вродени срцеви аномалии кај неризичните групи на трудници феталната ехокардиографија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се наметна како рутински скрининг во пренатална дијагностика на структурните аномалии на феталното срце. Голем број родители не знаат дека застапеноста на вродените срцеви маани e од 6 до 8 на 1000 живородени новороденчиња. Статистчките податоци пак добиени од референтни центри кои се занимава со фетална ехокардиографија покажуваат дека застспеноста на вродените срцеви аномалии е поголема од 6-8 на 1000 новородени. Денес медицината, технологијата и искуството може да понудат точна дијагноза и соодветен третман кај речиси секој тип на срцева мана.

Точна дијагноза и третман за секој тип на срцева мана

Феталната кардиографија како неинванзивна ултразвучна метода во најраната дијагностика на ВСМ се карактеризира со специфичност од 98%, сензитивност од 92% и точност во поставената дијагноза до 96%. Со цел да се постигне подетално иследување на морфологијата на феталното срце, се препорачува трансвагиналната фетална ехокардиографија да се спроведе помеѓу 12. и 16. гестациска недела кај високо ризичните трудници, додека трансабдоминалниот пристап како задолжителен рутински скрининг најсоодветно е да се спроведе меѓу 19. и 24. гестациска недела. Феталната ехокардиографија ги користи стандардните ехокардиографски техники: еднодимензионалната, 2Д, 3Д и 4Д доплер техника вклучувајќи го и колор доплерот.

Предности на скринингот

Овој скрининг има многу предности меѓу кои: најрано откривање на вродени срцеви мани, информирање на родителите за состојбата на феталното срце кај плодот, планирање на времето и местото на раѓање блиску до кардиохируршки центар доколку фетусот е носител на (ВСМ), можна терапија кај феталните срцеви аритмии, можно прекинување на бременоста кај комплексните кардиопатии асоцирани со генетски нарушувања, овозможување на научни сознанија за развојот и текот на ВСМ и перспективна фетална интервентна кардиологија и кардиохирургија.

Вродени срцеви аномалии кај деца

Вродените срцеви малформации заземаат значајно место во целокупната патологија на вродените аномалии на фетусот. Тие учествуваат со 20% од перинаталната смртност во групата на вродените аномалии кај фетусот и со повеќе од половина од смртноста на вкупните вродени малформации во детството.

Задолжителен скрининг на срцето кај новороденчињата

Дијагнозата на срцевата аномалија кај децата во 40-50% од случаите се поставува во првата недела од животот, а речиси 100% до крајот на првата година. Во првите месеци од животот срцевата аномалија се манифестира со цијаноза и/или срцева слабост, срцев шум, потешкотии со дишењето. Најчест симптом на срцева аномалија кај децата под и над 4-годишна возраст е шумот на срце, кој може да биде слушнат при рутински педијатриски преглед. Доколку се слушне шум на срцето, потребно е да се направат дополнителни иследувањa, како што се електрокардиограм (ЕКГ), ехокардиограм и рендгенграм (РТГ) на срцето и белите дробови. Овие превентивни прегледи се  многу важни кај новороденчињата и се прават со цел на време да се откријат можните аномалии на срцето.

Како се лекуваат срцевите мани?

Некои поедноставни срцеви аномалии, како мали отвори на преградите на коморите и преткоморите можат сами по себе да се затворат, така што не е потребен хируршки третман, освен редовни контроли кај педијатар-кардиолог. Посложените срцеви мани бараат хируршки третман или примена на интервентна кардиологија. Сепак, одлуката за третманот на самата срцева мана зависи од типот на истата.