fbpx

Кога е потребно интензивно лекување на бебето

Благодарение на развојот на неонаталната интензивна нега, во последниве децении спасени се голем број новороденчиња, и тоа со висок процент на преживување (над 80 %), вклучувајќи ги и  екстремно предвремено родените деца, како и оние со многу мала родилна тежина.

Причини за потреба од интезивно лекување

Интензивното лекување на новородените е високоспецифична гранка на педијатријата која опфаќа лекување на тешко болни новородени, кои од различни етиолошки причини се со загрозени витални функции (респираторна, кардиоваскуларна, мозочна). Ваквите нарушувања можат да настанат поради проблеми кои ги има мајката, а кои се пренесуваат на плодот за време на бременоста (висок крвен притисок, инфекција кај мајката, дијабет), за време на самиот акт на бременоста (фактори поврзани со недоволна оксигенација на новороденото после раѓањето) и заболувања кои можат да се јават во текот на првите 28 дена кај претходно здраво новородено. Според литературните податоци, најчеста потреба од вакво лекување бараат предвремено родените (особено под 32. гестациска недела), деца со детектирани или недетектирани вродени аномалии за време на бременоста, инфекции, асфиксии и аспирационен синдром.

За квалитетен третман потребен е висококвалификуван тим

Тимовите кои ги лекуваат овие критично болни новородени се составени од педијатри-неонатолози и медицински сестри со специјална обука за неонатална интензивна нега, физиотерапевти, како и консултативен тим од другите области на педијатријата (кардиологија, неврологија, рентгенологија). Не ретко, заради успешно лекување на овие деца потребно е спроведување на сите инвазивни процедури, како што се: поставување на цевки за дишење, интубирање, употреба на вештачка вентилација, сонди за исхрана, мониторинг за следење на виталните функции, со што, особено  родителите добиваат слика за сериозноста на состојбата во која се наоѓа нивното новородено. Поради ова неопходен е внимателен пристап  и однос кон  семејството, со цел да се даде емотивна поддршка во овие моменти.

Рани и доцни компликации

За жал во сенка на овој голем успех на педијатријата се можните рани или доцни компликации посебно од страна на централниот нервен систем, респираторниот, евентуални проблеми со сетилата (посебно појава на ретинопатија кај групата на новородени кои се родени екстремно предвреме.) Посебен проблем во современата нега и терапија претставуваат дополнителните инфекции, кои се јавуваат поради нивниот компромитиран имунолошки систем, и употреба на наведените инвазивни процедури, кои се влезно место за инфекција. По лекувањето на овие новородени, потребно е често следење на нивната состојба, најчесто од конзилијарен тим педијатри, со цел превенција и евентуален третман на новонастанатите проблеми, посебно од типот на заостанување на психомоторниот развој.