Микаил го промени мојот животен КОД
Доаѓањето на Микаил на свет донесе радост во семејството на познатата новинарка Снежана Лупевска - Созен. На 21 јули, како што вели таа, го промени животниот код, а нејзиниот свет доби поинаква смисла. Пред заминувањето дома, имавме чест да се запознаеме со Микаил, Ерџан и Снежана и да бидеме сведоци на уште една среќна семејна приказна.
Колку бременоста и подготовката за родителство ве промени?
Можам да зборувам од два аспекти, приватниот и професионалниот. Приватно апсолутно ти се менува сè, почнувајќи од организмот и целата психологија околу тоа дека чекаш нешто кое толку многу го сакаш. За среќа, имав бременост без проблеми, па можев нормално да работам до доцна бременост. Изминативе девет месеци животот си течеше нормално. Бременоста не е никаков хендикеп, напротив само радост и благосостојба. Многу позитивни чувства, тоа е она што можам да кажам за целата бременост.
Одбравте уникатно име за вашето бебе, дали го знаевте уште од самиот почеток?
Додека бев бремена не можевме да го одбереме името на бебето. Дури и кога се роди, кога ме прашаа како ќе се вика, јас реков нека каже таткото, а кога го прашаа Ерџан како ќе се вика, тој им кажал, нека каже мајката. Микаил е име кое сме го размислувале, ама не го имавме договорено. Откако се роди, и двајцата го одбравме Микаил. Името е турско, го има и во Куранот и е еден од ангелите, како што е ангел и во православието.
Дали вака го замислувавте мајчинството, како се снаоѓате во првите денови?
Што би рекле нашите мајки, не е лесно да си мајка, затоа што сè што си направил во животот не се споредува со мајчинството. Грижа за сопственото дете е чувство кое треба човек да го почувствува. Кога јас го почувствував, сфатив колку всушност светот се менува. Работите што дотогаш ти биле битни веќе стануваат небитни, а целото твое битие е концентрирано на новороденчето, на мојот син. Сега Микаил е мојот свет и за првпат во животот ми се случува сосема да го исклучам мобилниот и да не ме интересира апсолутно ништо што се случува во околината.
Кој се грижеше за вашата бременост?
Бременоста ја водеше д-р Митко Ивановски, тој е мој гинеколог веќе подолго време. Немам зборови за неговата професионалност, меѓутоа она што е битно за секој доктор е неговата човечност и неговата позитивна енергија, неговата поддршка. Докторот може да биде професионалец, но пред сè треба да биде човек. Доктор Ивановски ги има сите тие особини кои се потребни за еден ваков успех – раѓањето на мојот син. Имав природна бременост и тоа беше една олеснителна околност. Покрај д-р Митко Ивановски, не можам да не го спомнам и целиот тим од Одделот за асистирана репродукција и од Одделот за гинекологија и акушерство.
Денеска заминувате дома, дали сте подготвени за новиот животен предизвик. Кој ќе ви помага во грижата за Микаил?
Подготвеноста за овој предизвик е една од потешките работи. За сè друго човек може да биде подготвен и да научи теоретски, меѓутоа ова е нешто што го имаме веројатно како чувство во нас и се надевам дека тој мајчински инстинкт најмногу ќе ми помогне. На почеток ќе ми помага мојот сопруг, а потоа се надевам дека ќе се усогласиме и ќе можам да ги извршувам сите потребни работи без голема помош.
Го поддржувате доењето?
Апсолутно го поддржувам доењето и се трудиме со Микаил да ги научиме техниките на доење и сакам тоа да биде начинот на исхрана. Имаме среќа што во денешно време медицината нуди и друга алтернатива, но доењето е мојот прв избор.
Новинарството го ставате во втор план...
Како и секоја мајка посветена на своето дете. Мојот животен код се промени и во наредните девет месеци ќе се посветам целосно на Микаил.