fbpx

Преeклампсија е состојба која се јавува исклучиво во бременоста и резултира со висок крвен притисок, зголемено присуство на протеини во урината и отоци. Се јавува кај 3-8 % од бремените жени и тоа најчесто по 20.та недела од бременоста, а може да се појави и за време на породувањето или неколку дена по породувањето. Најчесто се јавува во блага форма која бара редовно следење и контрола на бременоста. Во случај на тешка форма, може да биде причина за предвремено раѓање. Од голема важност е ваквата состојба веднаш да биде третирана, бидејќи во спротивно може да доведе до сериозни компликации по здравјето на мајката и плодот. 

Покачениот крвен притисок е првиот аларм

Покачувањето на крвниот притисок може да се јави одеднаш дури и кај бремени жени кои немале дотогаш никаков симптом. Крвниот притисок не треба да биде поголем од 14/90 mmHg. Затоа, од голема важност се редовните мерења. Покрај зголемениот крвен притисок кој е првиот знак за прееклампсија, се јавуваат и зголемено присуство на протеини во урината (протеинурија) и  отоци на зглобовите на рацете, нозете, како и лицето. Претходно преекламсијата се дијагностицираше само доколку трудницата има висок притисок и протеини во урина. Денеска се знае дека трудницата може да има преекламсија, иако нема зголемено ниво на протеини во урината. 

Пропратни симптоми се и чести главоболки, мачнини и нагони за повраќање, нарушена функција на црниот дроб, заматен вид, намалено лачење на урина ...Голем дел од симптомите на прееклампсија се всушност симптоми кои се јавуваат и во нормална и здрава бременост (главоболки, отоци, мачнини и сл), па не секогаш значи дека се работи за оваа состојба. Сепак,  доколку забележите некој од овие симптоми во изразена форма информирајте го и консултирајте се со вашиот гинеколог. 

Кои се ризик фактори

Не постојат научно докажани причини кои доведуваат до прееклампсија. Ризикот за појава е поврзан со возраста, па поголема веројатност за појава на оваа состојба има кај жените над 40.години. Други ризик фактори се : дебелината, семејната историја (доколку некој во семејството имал прееклампсија), прва бременост, повеќеплодна бременост (близнаци, тројка...). Прееклампсија може да се појави и кај жените кои имаат дел од симптомите уште пред да забременат (чести главоболки, зголемен крвен притисок, проблеми со бубрезите, лупус и сл).

Дали може да се превенира ?

За жал, не постои начин за превенција на прееклампсија, но затоа, пак, се советува да правите редовни контроли на крвниот притисок, тежината и анализи на крвта со цел навреме да се детектира, како и да се спречат било какви компликации предизвикани од оваа состојба

Третман

Во третманот на преекламспија најважно е гинекологот да ја оцени состојбата на мајката и плодот. Породувањето е единствен начин да се повлечат симптомите кај мајката како и да се спречи појава на еклампсија (губење на свеста, во најтешки случаи и смрт на мајката и бебето) 

Доколку ви е детектирана прееклампсија во тој случај потребно е да правите чести контроли на бременоста. Кај тешките видови прееклампсија трудницата е најдобро да биде хоспитализирана се до терминот за породување со цел да има стручен надзор и брза реакција во случај на компликации. Во зависност од состојбата, се препишуваат кортикостероиди со кои доаѓа до побрз развој на белите дробови на бебето, во случај на предвремено раѓање. Кај полесните форми на прееклапмсија по породувањето крвниот притисок се нормализира за неколку дена. Потешките форми бараат подолго време за стабилизирање на состојбата, а во зависност од состојбата, некои жени и по породувањето остануваат во болница за да се следи нивната здравствена состојба.