fbpx

Првиот месец - бебето јаде во редовни временски интервали

Од првиот ден бебињата се хранат само со мајчино млеко. Во случај мајката да нема доволно млеко, за исхрана на бебето се користи адаптирано млеко. Во првиот месец поголемиот дел од новороденчињата пијат 75-100 мл млеко на оброк, во редовни временски интервали. Говорот им се манифестира со тивки звуци кои се претвораат во почетоци на гугање кон крајот на првиот месец. Сакаат благи миризби, меки ткаенини. Ги смирува зборување со тивок глас и тивка музика. Наглите движења кај бебето стануваат посмирени со созревањето на нервниот систем и неговата контрола врз мускулите. Повеќето акции се рефлексни (како цицањето и принесувањето стегнати тупаници до устата). Главата, доколку не се придржува, паѓа наназад. Моториката е  главно изразена со алтернирачки флексорно-екстензорни (свиткувачко-истегнувачки) движења на екстремитетите. Во овој период употребувајте едноставни и живи изрази и обраќајте му се на бебето по име.

Втор месец – се изострува видот кај бебето

Во вториот месец бебето почнува да прави прости асоцијации: “ако се расплаче - ќе биде кренато во раце". Свеста за надворешните стимули расте. Во овој период комуницира главно со плачење. Почнува да артикулира звуци како ”ау-ау”или “оу-оу”. Ги отвора и затвора дланките внимателно. Може да држи предмет неколку минути. Почнува да ги исправа нозете и се бори да ја исправи главата. Некои рефлекси се губат. Видот кај бебето се изострува и почнува да следи предмети и да гледа во лице. Во текот на ноќта бебето може да се буди поради стомачни грчеви, но тие исчезнуваат по третиот месец.

Мајките се советуваат да го облекуваат бебето во повеќе слоеви со оглед на тоа дека контролата на температурата сè уште не е зрела.

Трет месец – малечкото почнува да гуга

Во третиот месец бебето одговара на сопствениот одраз во огледало со насмевка. Го прекинува цицањето за да го чуе гласот на родителот. Почнува да гуга, стимулирано артикулира звуци кога ќе слушне говор. Подава раце кон подаден предмет. Кога лежи на грб, ги движи двете раце заедно. Со нозе се потпира од цврста подлога. Ако се постави на стомак, ја подига главата. Силата на движењето на нозете (особено во коленото и колкот) се зголемува. Кога му се зборува - гуга и се смее. Доколку не одговори тоа може да биде прв знак дека можеби постои оштетување на слухот. Движењето на очите треба да е во иста линија и треба да може да фокусира предмет.

Четврти месец – ја препознава мајката во група луѓе

Во четвртиот месец чувствува непознати места или луѓе. Гуга за себе или со другите. Го подига гласот како да поставува прашања. Препознава кој е кој во неговиот живот. Ја препознава мајката во група луѓе. Охрабрете го така што ќе му се обраќање лице в лице. Имитирајте ги звуците кои ги прави за да покажете интерес.

Во овој период бебето почнува да фаќа предмети. Игра со тропалка и ја става во уста. Учи да ја префрли тежина од една на друга страна и да се превртува. Горниот дел од телото и рацете зајакнуваат: може да седи само за момент ако се придржува. И во таква положба се обидува да одржи рамнотежа. Во овој период може да почне да се храни со овошни пиреа и сокови. Гледа во боја, се адаптира на различни растојанија и ја забележува длабочината на просторот.

Совет

Поради транзиторен пад на имунитетот (губиток на мајчинските антитела) може да добие настинка.  Доколку симптомите се одржуваат, треба да се јави на лекар.

Петти месец - бебето спие цела ноќ со две попладневни спиења

Во петтиот месец бебето испушта предмет за да го гледа родителот како го подига. Гледа како паѓа предметот и каде ќе падне на подот. Се обидува да го следи движењето на усните на возрасниот и се обидува да ги повтори. Почнува да изговара консонанти како "М" и "Б". Го погодува предметот ако му биде покажан само дел од него. Префрла предмет од рака во рака. Може да го држи шишенцето со млеко со две раце. Развива подобра контрола над трупот, главата и вратот. Ја подига главата и ја држи додека лежи на стомак. Подигнато во раце “како авионче” телото го држи цврсто. Легнато на грб ги зема стапалата и ги принесува кон устата. Во овој период бебињата се спремни за храна богата со железо, како што е зелениот зеленчук, која поволно влијае врз растењето. Лесно им се одвлекува вниманието при доењето. Некои бебиња започнуваат да се одбиваат од доењето. Бебето спие цела ноќ со две попладневни спиења.

Шести месец - бебето може да седи само

Во шестиот месец бебето може да предвиди причина и ефект: тропа со тропалката и таа произведува звук. Се учи да произведува звуци со менување на обликот на устата. Во овој период обидите се да не зборувате со него на “бебешки јазик”. Употребувајте обичен говор. Бебето може да седи само. Во седечка позиција се обидува да дофати предмет. Одржува рамнотежа додека седи благодарение на јакнењето на стомачните мускули. Може да ползи напред буткајќи се со нозете.

Во исхраната треба да се почне со воведување пилешка супа, а потоа и пасирано пилешко месо. Долните централни заби избиваат околу 6-7 месец. Може да се јави оток на гингивата, и  бебето станува плачливо. Специјалните прстени за гингиви треба да се изработени од цврста гума и не треба да се замрзнуваат.