Кога со бебе на шетање?
Доколку времето е мирно и температурата на воздухот е над 15 степени, а папочната рана е добро заздравена, новороденчето може да го изнесете надвор, првиот ден десетина минути, а потоа секој ден подолго на кратка прошетка, но не повеќе од еден час. Ова важи за доносените новороденчиња, кај предвреме родените треба да се почека да наполнат барем еден месец.
Ако температурата на воздухот е под 15 степени, треба да се почека новороденчето да наполни еден месец, па потоа да се изнесе надвор на првата прошетка. Доколку температурата на воздухот е околу нулата, прошетките треба да се кратки, на пример двапати дневно по пола час. На температура под нулата, сепак, со младото доенче, останете дома.
Новороденчињата и младите доенчиња се посебно чувствителни на температурните промени бидејќи центарот за терморегулација не им е сè уште доволно развиен. До полесно разладување придонесува и структурата на кожата (недоволно развиено масно ткиво, кое служи како заштита) и послабата периферна циркулација.
Облечето го добро вашето бебе за прошетка
Облекувањето треба да биде слоевито. Ваквото облекување е корисно бидејќи секогаш кога ќе се укаже можност можете полесно да го расоблечете бебето. Првиот слој, кој е во допир со кожата, треба да е памучен, а надворешниот треба да е од материјал кој не пропушта вода и штити од ветер (скафандер) или топла виндјакна исполнета со пердуви, кои се одличен изолатор. Ако бебето го шетате во количка, треба дополнително да го покриете со волнено кебенце или топла вреќа. На главчето секако памучно, а над него и волнето капче. На рацете, волнени ракавички. Не заборавајте дека ако бебето го шетате во количка во која најчесто спие или лежи мирно, метаболните функции му се сведени на минимум и можноста за разладување е поголема. Затоа често проверувајте го вашето бебе. Ако му е пријатна прошетката, тоа задоволно ќе спие во количката, рачињата ќе му бидат топли. Ако, пак, е вознемирено, плачливо, значи дека прошетката не му е пријатна, па подобро вратете се дома.
Изложувањето на сончеви зраци во зимскиот период околу 30 минути секој ден е доволно за синтеза на витамин Д. Но, сепак, профилактичка супституција со овој витамин спроведувајте во текот на првата година, особено во зимските месеци. За постарите доенчиња важат истите правила. Тие можат да останат надвор малку подолго, по проценка на родителите. За оние кои прооделе и самостојно се движат важни се и удобните и топли обувки кои не пропуштаат вода.
Не го изнесувајте вашето дете надвор ако има ветер, магла или врне дожд.
Престојот на свеж воздух на вашето бебе ќе му го подобри сонот, апетитот и ќе придонесе за подобро расположение. Но исто така ќе му помогне на вашето бебе во полесно запознавање на светот околу него. Заштитете ја нежната детска кожа со хидрантна крема пред секое излегување, посебно бебињата со атопична конституција на кожата. Употребете емолијантна крема која лесно се впива и ја хидрира кожата штитејќи ја од сувиот и ладен воздух.
Не заборавајте дека престојот надвор на ниски температури ја намалува отпорноста на слузницата на респираторниот систем, а со тоа се зголемува можноста од настинки. Обичната настинка се карактеризира со течење на носето и блага кашлица, најчесто без температура. Оваа кондиција не бара посебно лекување и не е пречка вашето бебе да го изнесете повторно надвор. Просторијата во која престојува бебето треба да биде чиста и често проветрувана. Во зима во повеќето станови воздухот е сув. Во вакви услови може да доведе до сушење на кожата на бебето, која станува сува и црвенкава и почнува да се перута. Сувата слузокожа на носот доведува до намалување на отпорноста од настинки. Температурата во собата треба да биде 20-22 степени (25-26 степени при капење), а влажноста околу 60%. На радијаторите или печките ставајте сад со вода или обезбедете електричен освежувач на воздух.
Балансирана исхрана за здраво бебе
Во текот на зимата важна е и исхраната на вашето најмало. Доколку сте започнале со воведување немлечна исхрана, тогаш потрудете се храната да е добро балансирана и богата со витамини. Истите најдобро ќе ги обезбедите ако му понудите на бебето сезонско овошје. Голема е улогата на витаминот Ц, како докажан антиоксиданс и витамин кој ја штити мембраната на клетката, па со тоа директно ја зголемува отпорноста на организмот. Внимавајте со цитрусите (лимони, портокали, грејп) кои не се даваат пред првата година, заради можноста од алергиска реакција.