fbpx

Жолтицата кај новороденчињата се манифестира како жолто пребојување на кожата и склерите (белките) на очите. Видливата жолтица се јавува во една третина до една половина од нормалните бебиња. Таа обично не создава проблеми и вообичаено поминува на крајот на првата недела по раѓањето.

Што ја прави жолтата боја?

Во човечкото тело постојано се создава нова крв, додека старата крв се разградува. Еден од продуктите на разградувањето на крвта е билирубинот (жолт  продукт). Билирубинот нормално се создава во црниот дроб и се елиминира од телото со мокрење и преку столицата. Во првите денови по раѓањето црниот дроб на бебето не функционира ефикасно како што функционира подоцна. Оттаму има тенденција за зголемување на билирубинот во крвта. Ова ја дава жолтата боја на кожата и склерите (белките) на очите.   

Дали жолтицата е штетна?

Доколку количината на билирубин е висока, може да предизвика поспаност кај бебето.  Високите нивоа на билирубин може да предизвикаат проблеми со слухот и оштетување на мозокот. Во нашата болница се прават крвни испитувања и контроли за нивото на билирубинот во крвта со цел контрола на нивото на билирубинот и спроведената терапија.

Кои бебиња имаат високи нивоа на билирубин?

Бебињата кои се посебно склони кон жолтица се:

  • Недоносени новороденчиња
  • Бебиња со инфекција
  • “Резус” или ”Рх” бебиња (бебиња чија крвна група/Рх фактор е различна од таа на нивната мајка.) Како резултат на тоа, настанува реакција во која крвните клетки се разградуваат многу побргу.

Мерење на степенот на жолтицата

Нивото на билирубин кај бебето може да се провери во болница со ставање на посебно апаратче на кожата на бебето. Доколку се бара попрецизно мерење, можеби ќе биде неопходен лабораториски тест.

Третман

Земањето доволно течности е есенцијално за бебето. Тоа помага да се отстрани билирубинот од крвта. Умерената жолтица се третира со ставање на бебето на фототерапија, голо (со заштитна маска на очите) под сјајно бело или сино светло. Ова светло го разградува билирубинот од кожата и овозможува да избледне жолтилото. Сјајната светлина му пречи на бебето и затоа се става заштитна маска на очите ( не го оштетува видот на бебето). Третманот со светлина понекогаш може да доведе бебето да нема столица. Ова може да се надмине со зголемување на внесот на течности кај бебето.

Кај тешката жолтица бебето може да има потреба од специјална трансфузија на крвта (ексангвино трансфузија)  во која крвта на бебето се заменува со свежа крв за да го исчисти билирубинот од системската циркулација чии можни компликации се:

- инфекции;

- нарушување на имунолошкиот систем;

- проблеми со крвните садови (затнување на вените, нарушување на циркулацијата, оштетување на структурата на крвните садови);

- намалување на тромбоцити, намалување на факторите за коагулација, крвавења

Што е фототерапија?

Во лекувањето на жолтиците се користи т.н. фототерапија. Кожата на новороденчето се изложува на ултравиолетова светлина со одредена бранова должина, која има способност да го разгради и побрзо да го отстрани билирубинот од организмот. Постојат повеќе начини на изведување на фототерапијата – сместување на новороденчето во т.н. били-креветче, во инкубатор, употреба на двојни ламби, били-ќебенца и др. Со цел да има поголем ефект поголема површина од кожата на бебето се изложува на фототерапија.

Дали жолтицата има долготрајни последици кај бебето?

Обично кај бебињата не се јавуваат долготрајни последици по прележаната жолтица. Бебињата кои имале високи нивоа на жолтица треба да прават редовни прегледи на слухот. За ова најдобро е да разговарате со педијатарот. Споменатото оштетувањето на мозокот поврзано со многу високи нивоа на жолтица е многу ретко бидејќи нивото внимателно се контролира.