fbpx

Честитки. Го завршивте првиот триместар. Пред 2 месеци вашето бебе претставуваше само група од клетки, а сега веќе има функционални органи, нерви и мускули . Многу од идните мајки чекаат нетрпеливо да ја соопштат новата вест по завршувањето на 12. недела. Ако и вие сте една од нив, сигурно ова е највозбудливиот период, кога конечно она што сте го чувале во себе го кажувате на сиот глас. Доколку чувствувате тапа болка во долниот дел од стомакот, најчесто тоа е резултат на истегнувањето на лигаментите поради растењето на матката.

Вашето бебе е со големина на праска

Должината на фетусот изнесува приближно 8,5 цм, а тежи  околу 30 грама. Соодносот на главата во однос на телото сега изнесува 1:3

Бебе во 13-та недела

Почнува да формира урина и истата ја ослободува во амнионската течност

Почнуваат да се формираат гласните жици

Цревата од папочната врвца сега се сместени во стомачната празнина на бебето

Панкреасот почнува да лачи инсулин

Лицето добива сè повеќе „бебешки изглед“.

Симптоми што најчесто се присутни оваа недела

Видливи површни вени на градите поради зголеменото количество на крв

Намален интензитет на заморот и мачнините

Кај некои жени се зголемува желбата за секс.

Советуваме

Ако се чувствувате подобро, почнете со лесни вежби кои ќе ја подобрат циркулацијата, ќе ги зацврстат мускулите и ќе ве одржуваат во форма. Тоа ќе му годи и на вашето бебе.

Потсетник : Од 11. до  14. гестациска недела се прави првиот ултразвучен скрининг со кој се одредува ризикот на плодот од хромозомски аномалии. Доколку сè уште не го направивте, веднаш закажете преглед кај гинеколог.