fbpx

Како да ја зголемите продукцијата на млекото

Количината на мајчино млеко зависи од голем број фактори. Еден од најважните е контактот на бебето со мајката и цицањето со што се ослободува хормонот окситоцин, кој е од извонредно значење за успешна лактација. Цицањето на бебето не се одвива во редовни интервали. Доколку почесто го доите, тоа ќе помогне за зголемено излачување на млеко кај мајката. Со текот на времето периодите кога бебето ќе сака да цица и спие ќе станат поредовни.

• Првите 6 месеци нема потреба да му давате вода како дополна за мајчиното млеко. За сите дополнителни прашања во врска со исхраната на бебето консултирајте се со вашиот педијатар. 

• Бидејќи лачењето на млекото е поголемо во текот на ноќта, дојте го вашето бебе и навечер. 

• За да се зголеми лачењето на млеко треба да внимавате и на вашата исхрана. Затоа дневно консумирајте најмалку 2-3 литри течности и здрава храна богата со витамини и минерали.

• За да се нахрани доволно, вашето бебе треба активно да цица 15-20 минути од дојката. Во текот на овој период се испразнува дојката од која цица бебето и се остава простор да се излачи нова количина млеко. 

• Доколку вашето бебе цицало од двете гради, во следното доење почнете со дојката од која претходниот пат последно цицало. Доколку не цицало од двете дојки, дојте го од дојката која чувствувате дека е пополна.

• Колку што ќе цица вашето бебе толку поголема количина млеко ќе имате.

• Проблеми во градите: доколку по доењето сé уште чувствувате дека дојките ви се полни со млеко, местото е тврдо и имате црвенило или чувствувате топлина, треба да се испразни дојката од млекото. За да се олесни оваа постапка препорачуваме топли третмани и масажи. Потоа со помош на пумпа за измолзување можете да ги испразните дојките.

• Големината на вашите дојки/брадавици не влијае врз цицањето на вашето бебе.  

Важно е само вашето бебе да се дои според соодветните техники на доење.