fbpx

Цервико-вагинални инфекции во бременост

Инфекциите кои може да се јават во бременоста можат да поминат незабележано, а можат да направат оштетувања како на плодот така и на здравјето на идната мајка. За да  се добие здрав плод и да се зачува здравјето на мајката во текот на бременоста, потребно е нивно рано дијагностицирање и лекување. 

Доколку не се лекуваат некои од инфекциите во бременоста, може да дојде до спонтан абортус, предвремено породување, инфекции и сепса кај плодот. Некои од нив можат да наштетат на органогенезата, со нарушување во развојот на органите и сетилата кај плодот и да дадат конгенитални аномалии. Инфекциите во бременоста може да бидат предизвикани од бактерии, габички, вируси и паразити.

Цервико-вагинални инфекции

Овие инфекции во текот на бременоста, можат да доведат до спонтани абортуси, предвремено прскање  околу плодовите овојници и истекување на плодовата вода и предвремено породување. Потребно е жената пред бременоста да биде испитана за овие инфекции со микробиолошки иследувања и третирана за да не дојде до несакани последици во текот на бременоста. Најчести предизвикувачи на овие цервико-вагинални инфекции се предизвикувачи од групата на колимформни бактерии, Streptokoki, Stafilokoki, Enterococcus, Candida, Chlamidia, Micoplasma и Ureaplasma. Доколку жената не е испитана пред бременоста, во текот на бременоста се земаат микробиолошки брисеви за овие бактерии и доколку е потребно се спроведува терапија со антибиотици- системски и вагинално. 

Други инфекции кои можат да му наштетат на плодот во текот на бременоста се и инфекциите со гонореа, трихомонас, туберкулоза, листерија и други и сите тие треба да бидат соодветно третирани и лекувани. Исто така, сè повеќе е присутна и инфекцијата со АИДС или СИДА, предизвикана со HIV вирусот, со сите последици на синдромот на имунодифициенција на плодот и последици по натамошниот живот на детето.

Бројот на инфекциите во текот на бременоста што можат да му наштетат и на плодот и на мајката е навистина голем. Редовните гинеколошки прегледи пред и во текот на бременоста и консултациите со вашиот гинеколог ќе ја намалат нивната појава и штетни ефекти по здравјето на мајката и идното новороденче