Чувајте ги млечните заби кај децата
Кога излегуваат млечни заби?
Млечните заби кај децата излегуваат помеѓу шестиот и осмиот месец. Во периодот помеѓу 2,5 до 3-годишна возраст децата имаат веќе оформена забна низа од 20 заба, и тоа 10 на горната и 10 на долната вилица. Тие играат важна улога во оралното и општото здравје на децата и се задржуваат во нивната уста до 12 години. На шестгодишна возраст на децата им излегуваат првите катници. Од 7-8 годишна возраст никнуваат забите секачи, меѓу 9-11 годишна возраст излегуваат преткатниците и кучешките заби, додека на 12-годишна возраст растат вторите големи катници. Можно е кај некои деца процесот на менување заби да биде порано или подоцна.
Дали може тие да се расипат?
Млечните заби во споредба со трајните имаат потенки слоеви на забни супстанци и поволуменозна пулпа (место каде се наоѓа нервот). Поради тоа полесно и побрзо можат да се расипат. Во почетната фаза на расипување децата не покажуваат симптоми на болка. Кога расипувањето напредува тие почнуваат да стануваат осетливи при контакт со благо и ладно. Болката особено се зголемува при јадење бидејќи на местото каде што забот е расипан влегува храна која ги притиска забните нерви.
Како да ги заштитиме забите кај децата?
Сите знаеме колку е тешко малите деца да седнат на стоматолошкиот стол. Тоа е и главната причина за брзото и често расипување на забите кај децата. Земајќи ги предвид овие потешкотии, треба да се обрне посебно внимание на оралното здравје со никнување на првите млечни заби. Ова е многу важно за да се превенира предвременото губење на забите. Празнината на изгубениот заб по пат на лизгање може да се пополни со соседниот заб и да го затвори ова место. Поради ова новиот заб не е во можност нормално да излезе и затоа расте внатрешно или, пак, излегува на погрешно место. Кај ваквите случаи неизбежен е ортодонтски третман (третман со протези). Доколку, поради одредена причина, предвреме се извади еден млечен заб, со цел да не се придвижат соседните заби и да го зафатат неговото место, стоматолозите препорачуваат фиксни и подвижни чувари на простор кои се стават на местото на извадениот заб.
Дали забите можат да се расипат веднаш по нивното никнување?
Понекогаш, штом ќе никнат забите, на нив се појавуваат кафеави дамки, а потоа истите се кршат и паѓаат. Главна причина за оваа појава е претераната употреба на цуцла. Знаеме дека најважниот дел од исхраната на бебињата е мајчиното млеко, а подоцна и кравјото млеко бидејќи истото во себе содржи природен шеќер. Бебињата имаат навика подолго време млекото да го задржуваат во устата. На тој начин во устата се создаваат бактерии кои ги напаѓаат забите.
Како да ги заштитите забите на вашето бебе од расипување?
- Не дозволувајте му на вашето бебе да заспие со цуцла,
- Не ставајте шеќер, мед, бисквити или други засладувачи во млекото.
- По хранењето, на бебето дајте му да пие вода или измијте му ги забите доколку е возможно,
- Уште пред никнувањето на првите заби по секој оброк избришете му ги непцата на вашето бебе со чиста газа или марамче.