fbpx

Страв од училиште

Училишната фобија се манифестира како отпор на детето спрема одењето на училиште. Детето покажува страв од поаѓање на училиште и на  разни начини се обидува да го избегне училиштето. Детето одеднаш се жали на  главоболки, или болки во стомакот, а некои и отворено одбиваат да одат во училиште. Други деца пак се жалат на срцебиење, мачнина, напнатост, имаат пореметување на сонот, замор и исцрпеност, кои едноставно исчезнуваат за време на викенди, или празници кога не се оди на училиште.  

ПОМОШ ИМ Е ПОТРЕБНА НА РОДИТЕЛИТЕ

 Многу психолози сметаат дека родителите се најголемиот проблем за училишната фобија кај децата. Понекогаш родителите го оптеретуваат детето со секојдневните коментари „ти ќе бидеш најдобар, ќе имаш само петки, сите ќе ти завидуваат“. Со ова на детето му се прави притисок да ги исполни очекувањата на своите родители, што доведува до страв од неуспех и страв дека ќе ги разочара своите родители  доколку не е успешен на училиште. Ова предизвикува различни тегоби кои родителите не ги препознаваат како страв од училиште.

     Кај повеќето децата  училишната фобија се јавува наутро кога детето треба да се одвои од своите родители. Тоа страда од помислата  дека засекогаш ќе биде напуштено. За ова најчесто се криви мајките, особено ако немаат топол однос со детето , ако постојано мy се закануваа: „Ако не бидеш добар ученик ќе те дадам на други родители“ или „Ќе умрам ако не бидеш добар на училиште“. Во овие ситуации детето не сака да оди на училиште бидејќи стравува дека додека е отсутен неговата мајка ќе ги исполни заканите и ќе го напушти.

      Децата тешко ги доживуваат и ситуациите во домот кога  родители постојано се караат, се тепаат и се закануваат со развод. Во вакви ситуации детето стравува да биде отсутно од домот за да не се разведат неговите родители.

     Причини за училишна фобија можат да се јават и на училиште. Како на пример, заради премногу строг и неправеден учител, или кога детето не може да се вклопи во одделението, или пак ако има слаби оцени за кои следува казна (особено родители кои се склони кон физичко казнување на децата). Многу често децата покажуваат одбојност кон училиштето само заради одвојување од родителите и уште безброј други примери.

КАКО ДА ИМ  ПОМОГНЕТЕ НА ДЕЦАТА

  • Потикнете го враќањето во училиште на почетокот од учебната година, радувајте се заедно со него и организирајте нешто на првиот училишен ден. Почестете го вашето дете со  сладолед ,одведете го на кино или др.
  • Купувајте книги, училишен прибор, облека и чевли заедно со вашето дете и овозможете му тој самиот да си избере, за да му дадете на знаење дека имате доверба во неговите одлуки
  • Разговарајте со детето за важноста на училиштето, дознајте ги неговите очекувања во новата учебна година.
  • Поттикнете го вашето дете да ги испланира оцените по различни предмети и ветете му дека заедно со останатите членови на семејството ќе му помогнете да го постигне очекуваниот успех
  • Со детето изберете амајлија, односно некој помал предмет  или играчка, кој ќе му ја дадете да ја носи во училишната торба за да му ја зголеми самодовербата и чуството на сигурност
  • Ако детето не сака да оди на училиште или ако се појават симптоми на страв, отворено и многу смирено разговарајте со детето, а кога ќе ви се довери, пронајдете ги причините поради кои се плаши да оди на училиште. Покажете разбирање дури и кога тие не ви изгледаат оправдани.
  • За стравот на вашето дете разговарајте со училишниот психолог или педагог и побарајте ја нивната помош.
  • Без разлика на околината, развивајте позитивен став спрема училиштето, а пред детето никако не зборувајте негативно за училиште, учителката или школските активности.