fbpx

Домашно милениче и дете НЕ во иста просторија

Голем број од идните родители се прашуваат дали е погрешно доколку во истиот простор престојува нивното малечко и домашното милениче. Педијатрите не препорачуваат малите деца да делат ист воздух со домашните миленичиња. Еве неколку причини зошто е тоа така:

Колку и да се трудите и да ги преземете сите превентивни мерки, како вакцинација или одржување на хигиена на миленичето, сепак има негативни последици од нивното присуство. Најлошото нешто што родителите не можат да го спречат е летањето на влакненца од животните, кои детето може многу лесно да ги вдиши. Со самото тоа може да настане многу голем проблем и да се развие процес во белите дробови кој тешко може да се докаже и утврди, бидејќи влакненцата се многу мали и невидливи.

Најлошата компликација е аспирацијата на ситните и мали влакненца од крзното на животните, а нивното присуство не може да се детектира ниту на бронхоскопија ниту на рендген. Детето постојано ќе кашла и ќе се развие процес на воспаление, а причината за кашлицата многу тешко се утврдува. Доколку се утврди причината, тогаш следува инванзивна метода за чистење на дишното стебло. Друга значајна причина е појавата на алергија која може да предизвика и бронхитис. Во алерго тестовите кои се прават кај децата, се вклучени и алерго тестови кои детектираат алергија од маче и куче.

Ехинококусот, глистите, цревните паразити се исто така многу опасни, а децата можат да ги добијат доколку се играат со мачињата или кучињата.

Миленикот можете да го чувате во двор

Педијатрите препорачуваат бебето и домашното милениче да не престојуваат заедно во ист простор. Ризично е кога тие се постојано заедно и го дишат истиот воздух. Но, сепак убаво е во куќата да се чува миленик заради подобриот психолошки развој на детето кога ќе порасне. Миленикот можете да го чувате во двор, а дружбата помеѓу детето и миленикот да започне по навршување на третата година на детето. Така детето ќе развие чувство на одговорност, ќе научи да се грижи за него, ќе има друштво.