Седењето во W положба ги ослабнува моториката и мускулатурата на децата (ИНТЕРВЈУ)
Несвесно низ игра децата честопати ноџињата ги поставуваат во W положба (познато како „frog legg“, седење како жаба), а родителите веднаш реагираат и ги преместуваат во друга позиција. Што всушност се случува со телото поставено во оваа положба, дали е строго забрането седењето во W положба и како правилно да ги седнуваме децата објаснува д-р Маја Каличанин Марковска, ортопед од „Аџибадем Систина“.
Зошто е важно децата да не седнуваат во W положба? Што всушност се случува со телото кога децата седат во таа положба?
„Се смета дека оваа положба е неповолна за детето затоа што ги ослабнува моторните способности на детето. Детето во „W позиција“ седи на поширока основа и е фиксирано со колковите и со телото во една позиција. Речиси сè му е на дофат, не треба многу да се труди и да манипулира со телото. На овој начин не се обезбедува фината моторика како што е: посегнување по предмети, рамнотежа на телото, координација во просторот, координација помеѓу рацете и очите. Како резултат на ваквата „неактивност“ на детето му недостига таа фина координација при префрлување на балансот од една точка во друга при одење, скокање, трчање досегнување предмети или при некаква пречка.
На некој начин, се менува центарот на гравитација на телото и поради тоа се смета дека седејќи во таа позиција се слабее мускулатурата на телото, на колковите, натколениците и потколениците“, вели д-р Каличанин.
Дали ова се однесува и на децата кои имаат нормален развој на колковите, или само на одредени деца кои имаат ризик?
Голем број ортопеди на оваа позиција гледаат како премин во развојот на децата од една во друга фаза. Децата имаат нормално поголем опсег на движења од возрасните, мускулатурата и тетивите се поеластични, и со тоа колковите имаат поголем опсег на движење. Затоа тие можат да седнат во таа позиција, додека ние, возрасните, не можеме да издржиме да седиме во таа положба долго време.
„Но, не треба да го форсираме или да го задржиме тој начин на седење затоа што се зголемува внатрешната ротација на колковите. Штом е таа зголемена автоматски и целите ноџиња одат во внатрешна ротација. Кај нас во ординација доаѓаат родители на деца кои немале проблем со колковите на првите контроли, а децата им одат со стапалата навнатре. Овие деца се плеткаат со ноџињата кога одат, немаат стабилност, почесто паѓаат. На нив им даваме препорака како да се седи, какви обувки треба да носи детето, па дури некогаш даваме специјално изработени ортопетски чевли на прав калап кои не дозволуваат да се вртат ноџињата кон внатре и да го задржиме правилниот начин на одење.
Во одредени случаи е строго забрането да се седи во W положба. Особено кај деца кои имаат дисплазија на колкови, деца кои носеле помагала, апарат, колани, гипс или имале оперативна интервенција за дисплазија или луксација на колковите. Седењето во оваа положба може да доведе до повторена дислокација на колкот. Строго забранета е и кај деца со невролошки проблеми, од најлесната форма забавен моторен развој, па сè до деца со церебрална парализа или спастицитет или хипотонус на долните екстремитети“, вели д-р Каличанин.
До која возраст важи ова правило?
Децата до 3-годишна возраст знаат многу често да ги постават ноџињата во W положба. И ние тоа го толерираме кога е низ игра, кога детето менува положба на телото, кога не се задржува многу во таа позиција. Но, кога детето постојано седи во оваа позиција тогаш родителите мора да интервенираат, а со тек на времето да му се објасни и на детето дека не е убаво да седнува така. Во оваа позиција децата може да седнуваат до 8. или 9. година. Потоа веќе и самиот организам созрева, структурите зацврстуваат, се менуваат и веќе и на нив не им е згодна оваа положба.
Како да ги контролираме децата кога тие низ игра така ги поставуваат ноџињата?
Нема начин како да ги контролираме бидејќи тие тоа го прават несвесно, низ игра, но секако дека треба да се едуцираат луѓето кои ги чуваат децата. Родителите ги носат децата на ортопед кој им дава совети и препораки. Негувателките во градинките веќе се информирани и знаат како треба да постапат, многу од нив и имаат деца, внуци така што сметам дека луѓето се едуцирани.
Која е правилната положба на седење?
Англичаните ја нарекуваат Q позиција (како Q буква), нам ни е позната како „турско седење“ или јога позиција /лотус позиција или, пак, со ноџињата пружени напред пред себе, споени или раширени и така да си игра. Правилна позиција е и дури седење на страна или седнати на столче.
W положба на седење
Кога ноџињата се поставени во „W позиција“ детето седи на поширока основа и е фиксирано со колковите и со телото во една позиција. Речиси сè му е на дофат, не треба многу да се труди и да манипулира со телото. На овој начин не се зајакнува моториката која подоцна му недостига на детето при одење, скокање, трчање, досегнување предмети или при некаква пречка. Сменете ја положбата на седење секогаш кога ќе го забележите детето седнато со ноџињата во вид на буквата W.