Уринарни инфекции во бременоста
Уринарните инфекции во текот на бременоста можат зачестено да се јавуваат поради олабавување на мазната мускулатура кај жената, притисокот кој од растење на плодот во матката се пренесува на околните структури од уринарниот тракт и поради близината на уретрата до аналната и вагиналната регија. Најчести предизвикувачи на уринарни инфекции во текот на бременоста се со Escherichia coli, Enterokoki, Staphilococcus, Proteus, Ureaplasma, Chlamidia и др. Инфекциите можат да бидат на мочниот меур (cistitis), но и со зафаќање на погорните партии на уринарниот тракт (pielonephritis). Честопати одат заедно и со вагинална инфекција, па е потребно истовремено лекување на двете инфекции.
Кои се симптомите ?
Најчестите симптоми кои се јавуваат се зачестено мокрење, пецкање при мокрење, промена на бојата и миризбата на урината, крв во урината, болка во долниот абдомен. Доколку се јави и болка во слабините и покачена температура, треба да се помисли на пиелонефритис (инфекција и на бубрезите), која мора посериозно и подолго да се третира со антибиотици за да не дојде до предвремено породување.
Како се лекуваат?
Во случај на појавување на овие симптоми, секогаш треба да се јавите на гинекологот кој ја води бременоста, каде ќе ви биде направен преглед, уринокултура и врз основа на добиените резултати вашиот гинеколог ќе ви препорача лекување. Лекувањето може да биде со антибиотик, зголемен внес на течности за побрзо испирање на уринарниот тракт, хигиено-диететски режим, зголемен внес на витамин Ц и чаеви како на пример брусница. Најчести антибиотици кои се препишуваат се од групата на пеницилини и цефалоспорини, другите помалку или во исклучителни случаи. Лекувањето обично трае од 7-10 дена, а по потреба може да се повтори или да се комбинира со лекување и на вагиналната инфекција.