fbpx

Знаци на рана бременост

Ви честитаме за новиот чекор за кој сте се одлучиле. Пред да забремените секако дека треба да се информирате за прегледот што треба да го направите пред да планирате бременост. Сигурно ќе ве интересира и што е овулација и кои се нејзините најчести  знаци. Тука сме за да ви помогнеме во добивањето на сите потребни информации.

Најчести знаци на бременост

Многу често знаците за бременост наликуваат на знаците кои го најавуваат менструалниот циклус. Ова се најчестите десет знаци кои укажуваат на тоа дека вашето тело доживува промени.

1. Отечени гради

Најчесто болните и отечени гради е првиот знак на бременост. Градите се болни и отечени исто како пред  менструалниот циклус или, пак, овие знаци може да бидат и поизразени. Ваквата состојба може да потрае неколку недели или може да трае во текот на првиот триместар.

Зошто се јавува овој симптом ? Зголемениот проток на крв предизвикан од хормоналните промени ги прави вашите гради осетливи и отечени.

Помош Носете удобен градник

2. Затемнување на ареолите

Затемнувањето на ареолите (местото околу брадавиците) може да се појави уште во првата недела по забременувањето. Во текот на бременоста ареолите може и да се зголемат, а затемнувањето да се менува во текот на бременоста. Најчесто, по породувањето ареолите се враќаат во нормала.

Зошто се јавува овој симптом?

Зголемувањето на хормоните на бременоста е причина за затемнувањето на ареолите. На тој начин вашите гради почнуваат да се подготвуваат за доење.

Помош Промената на бојата на брадавиците не е невообичаена појава, па немате потреба за грижа. За оваа промена можете да  разговарате со вашиот доктор.

3. Слабо крвавење

Појава на светло црвена крв може да се јави 5-10 дена по забременувањето. Ова е знак дека ембрионот се имплантирал (вгнездил) во матката.

Зошто се јавува овој симптом ? Неколку дена по зачнувањето оплодената јајце клетка се закачува за ѕидот на матката и оттаму се појавува тоа слабо крвавење. Ова е добар знак, вашето бебе е вгнездено во ѕидот на матката и расте и се развива на сигурно место.

Помош Ако  го забележите овој симптом, јавете се кај вашиот доктор и направете тест за бременост. Ако трае подолго време, закажете преглед и осигурајте се дека сè е в ред.

4. Често мокрење

Овој симптом најчесто се појавува две до три недели по забременувањето.  

Зошто се јавува овој симптом ? По вгнездувањето на ембрионот во ѕидот на матката се создава hCG (human chorionic gonadotropin) хормон, кој е главниот виновник за вашето често мокрење. Овој хормон ослободува естроген и прогестерон, хормони кои ја одржуваат бременоста.

Помош Ако неколку дена имате проблем со често мокрење, направете тест за бременост. Можеби бебето е веќе на пат. Присуството на hCG хормонот во урината е сигурен знак за бременост.

5. Замор

Чувството на изнемоштеност и намалена енергија ќе ве натера да помислите дека нешто не е в ред со вашата кондиција, но, сепак, тоа може да биде знак и за бременост .

Зошто се јавува овој симптом ? Губењето на енергија се јавува како резултат на хормоналните промени, како и поради развојот на бебето. Вашето тело работи „прекувремено“ за да обезбеди сè што му е потребно за правилен раст и развој на бебето.

Помош: Одморајте. Тоа е првата помош при ваквата состојба. Следете ги промените на телото и реагирајте според нив. Ако се чувствувавте уморени, земете си одмор од секојдневните активности. Попладневните кратки одмори кои не сте ги практикувале се најдобро решение. Вклучете го вашиот партнер и поделете ги дневните обврски.

6. Изостанок на менструален циклус

Честопати другите рани знаци на бременост ги игнорирате сè до оној момент кога ќе забележите дека ви доцни циклусот. Дознајте кога е вистинско време да направите тест за бременост за да добиете точен резултат.

Зошто се јавува овој симптом ? Појавата на месечниот циклус укажува дека јајце клетката не била оплодена. Во случај кога месечниот циклус не се појавува, тоа е знак дека дошло до оплодување.

Помош Ако имате регуларен циклус, тогаш веројатно изостанувањето е знак за бременост. Направете тест и информирајте го вашиот доктор. Доколку немате редовен циклус, тогаш доцнењето на циклусот не мора да значи бременост, но во секој случај направете преглед или консултирајте се со вашиот доктор.

7. Утринско гадење

Појавата на утринско гадење или повраќање може да биде еден од знаците на бременост. Овој симптом може да трае во текот на првиот триместар, кај некои жени се јавува во текот на целата бременост. Ако имате среќа, може да бидете од оние бремени жени кои целата бременост ја минале без мачнина и повраќање.

Зошто се јавува овој симптом ? Нема точен одговор за ова прашање, но се смета дека промените во нивото на хормоните се причина за ваквата состојба (хормоните се главни виновници за сите промени во бременоста)

Помош Најчесто овој симптом не е толку силно изразен, па ве советуваме да останете смирени и да ги следите промените на телото. За почеток, пробајте да јадете почесто и јадете помали оброци во текот на денот. Доколку повраќањето е изразено, губите на тежина и ве прави изнемоштени, обратете се кај вашиот доктор.

8. Изострено чувство за мирис

 Вашето изострено чувство за мирис може да направи омилената храна да мириса толку лошо што не би сакале да ја пробате повторно. Не мора да се појави во секоја бременост, но оние кои имаат засилена дразба за мирис ќе ви кажат дека ја чувствуваат миризбата на ручекот од соседната куќа.

Зошто се јавува овој симптом ? Не постојат научни истражувања кои докажуваат зошто се јавува, но голем број бремени жени имаат зголемено чувство за мирис.

Помош Ако навистина ви пречи, за почеток пробајте да избегнувате јаки мириси.  Ако ја чувствувате миризбата на вашата облека, не употребувајте омекнувач при перење. Обично ваквата силна дразба е интензивна во почетокот на бременоста, па бидете опуштени бидејќи не трае многу долго.

9. Подуеност и запек

На почетокот на бременоста многу жени се чувствуваат подуени и имаат проблеми со варењето на храната. Овие  симптоми може да бидат непријатни, но обично се смируваат по првиот триместар.  

Зошто се јавува овој симптом ? Зголеменото количество естроген и прогестерон е причината за ваквиот проблем. Доаѓа до забавување на работата на дигестивниот систем и затоа се јавуваат гасови и запек.

Помош Следете ги нашите совети за да ја намалите подуеноста.

10. Зголемена желба за одреден вид храна

Истражувањата покажуваат дека околу 90 проценти од бремените жени доживуваат зголемена желба за одредена храна , особено во првиот триместар.

Зошто се јавува овој симптом? Не постои точен одговор, но првиот виновник го бараме во дисбалансот на хормоните. Исто така, посебната желба можеби кажува што му недостига на вашето тело.

Помош Умерено уживање е сосема нормално, но мора да внимавате со внесот на празни калории, особено ако тие почнат да ги заменуваат здравите хранливи состојки. Бидејќи од голема важност е здравата исхрана во текот на бременоста, нашиот совет е секогаш да имате идеи за поздрава алтернатива за исхрана.