По 10 години борба за потомство, денес живееме за Софија
По долги 10 години поминати низ болничките ходници, лекување стерилитет и три загубени бебиња, денес Јулија и Петар се горди родители на Софија. Нивната приказна сведочи дека упорноста, посветеноста и вербата во лекарскиот тим резултираат со успех.
Идиопатски стерилитет
Пред огромната желба за мајчинство уште од самиот почеток се појавила првата пречка, дијагнозата стерилитет, и тоа без никаква медицинска основана причина. „Докторите рекоа дека се работи за идиопатски стерилитет - неплодност без никаква причина. Со мојот сопруг ги направивме сите можни испитувања, и сите беа сосема во ред. Немаше причина да не забременам, но едноставно не се случи, а веќе помина долго време. Нè загрижуваше тоа што подолго време не можев да забременам, но по неколку години конечно се случи и тоа, позитивен тест за бременост. Но, тука не застанаа проблемите“, вели Јулија.
Прекин на бременоста во 20. недела
Во 20. недела од бременоста, поради скратено грло на матката, било потребно да се направи итен серклаж. Интервенцијата била направена на државната Клиника за гинекологија, но, за жал, не резултирала со успех. По само неколку дена, на Јулија ѝ пукнал воденикот и бременоста завршила. „Бев бремена со близнаци, бременост што долго ја очекувавме и која ни го промени животот. За жал, ги загубивме двете бебиња, но со мојот сопруг бевме решени да продолжиме да се бориме за она што го заслужува секој пар, бебенце во својата прегратка“.
Уште една бременост со тажен крај
„Дека чудата се случуваат беше доволен доказ тоа што по само неколку месеци повторно останав природно бремена. Нова бременост, нова среќа, но и нов страв. Дали ќе биде сè како што треба, се плашев повторно да не го изгубам и ова бебе. Бев претпазлива, се грижев за себе премногу уште од првиот ден кога дознав дека сум бремена. Но, се случи повторно она од кое најмногу се плашев. Во 12. недела од бременоста бебето ја изгуби срцевата акција. Со киретажата пропадна и втората шанса да станам мајка“, раскажува Јулија.
Третата бременост повторно се комплицира во 20. недела
По 4 месеци повторно останав бремена природно. Но, уште од старт почна со извесни проблеми бидејќи незнаејќи дека сум бремена пиев високи дози антибиотици поради ешерихија коли. Бев во „Аџибадем Систина“ кај д-р Гордана Петровска, која направи ултразвук и ми рече да не се грижам, дека сè уште е рано, во првиот месец сè уште не е почната органогенезата така што нема да има проблем. И навистина беше така. Бременоста беше во најдобар ред сè до таа кобна 20. недела кога повторно се јави истиот проблем поради кој ги загубив и близнаците. Грлото ми беше повторно скратено, и докторот ми кажа дека е потребен итен серклаж. Си реков, зарем повторно ќе минувам низ истото. Бев премногу исплашена и не знаев што да правам, само бев сигурна дека нема повторно да одам на Клиника за гинекологија. Така почна мојата потрага по доктор кој ќе го спаси моето бебе. И можам да кажам дека го најдов најдобриот!
Д-р Митко Ивановски е мојот херој
Бидејќи имав долга историја на критични бремености, постојано на интернет барав жени како мене, кои на блоговите ги споделуваат своите искуства. Таму ги прочитав позитивните коментари за д-р Ивановски, дека има решавано тешки случаи како мојот. Ми беше јасно дека ми треба добар, стручен доктор кој ќе биде нашиот херој. Ми го дадоа бројот од д-р Ивановски и веднаш го побарав. За среќа, докторот веднаш го добив, и откако му ја раскажав мојата состојба побара веднаш да дојдеме. Мислам дека патот Делчево – Скопје беше пресуден да се влоши уште повеќе мојата состојба, па кога стигнавме во „Аџибадем Систина“ имав родилни болки и бев целосно отворена со пролабиран водењак во вагината. Д-р Митко Ивановски разговараше отворено со мене и со мојот сопруг, ни ги кажа сите опции и сите ризици кои за жал постојат, но вети дека ќе даде сè од себе оваа бременост да заврши со среќен крај. Зборуваше со толкава доза професионалност, човечност и доверба што веднаш се почувствував сигурна и знаев дека овој доктор ќе го направи и невозможното.
12 недели не станав од кревет
Серклажот за среќа беше успешен, сега на потег беа мојата упорност и жртва. Строго лежење, беше препораката од д-р Ивановски. Тоа го сфатив во буквална смисла на зборот. Исплашена од патот Скопје – Делчево и поради оддалеченоста, се одлучивме да земеме стан во Скопје и да бидам блиску до „Аџибадем Систина“ и д-р Ивановски. 12 недели буквално не станав од мојот кревет, само за во тоалет, но и тоа гледав да биде што побрзо. Мојот сопруг зеде неплатен одмор и остана со мене цел период и ми помагаше. Бев упорна и знаев длабоко во себе дека мора да излезе добро. Голема поддршка за цело ова време добивав и од д-р Митко Ивановски, кој со својата позитивна енергија и смиреност ми даваше сила. Со него, знаев дека нема место за паника.
Во 32. недела ми пукна воденикот
По 12 издржани недели, дојде денот кога Софија дојде на свет. Ми пукна воденикот и веднаш отидовме во болница. Бидејќи бебето беше мало, докторот планираше да се породам природно, но состојбата не дозволуваше, бебето почна да станува тахикардично и сепак сè заврши со царски рез.
Ја видов мојата Софија
Бебе со 1. 800 грама, мало и кревко... Си реков тоа е мојата Софија, мојот херој кој издржа за да бидеме конечно заедно. На нашата среќа ѝ немаше крај. По раѓањето, бидејќи се роди предвреме, беше сместена на Одделот за неонатална интензивна нега во рацете на д-р Душко Фидановски, уште еден врвен професионалец кој целосно беше посветен на нашиот случај. По 4 дена јас си заминав од болницата, повторно тука, во Скопје, а Софија остана уште 3 недели и потоа сите заедно со среќа и радост во срцето заминавме во нашето Делчево. Додека сме живи ќе му бидеме благодарни на д-р Митко Ивановски, за тоа што беше тука со нас, затоа што беше и доктор и другар, професионалец и спонтан кога беше потребно. Благодарение на неговата стручност, по 10 години, секоја ноќ заспивам мирно и се будам среќно бидејќи сега имам нова причина и смисла за животот.
Со почит,
Јулија и Петар Кацарски
https://mail.acibademsistinababy.mk/majkite-raskazaa/34-majkite-raskazaa/804-sofija-kacarska#sigFreeId351c8cb57c