fbpx

Разлика помеѓу епидурална и спинална анестезија

Двете техники предизвикуваат "вкочанетост" на определен дел од телото, преку привремено намалување на функцијата на спиналните нерви.

Епидурална аналгезија претставува инјектирање на лекови во епидуралниот простор, каде што се наоѓаат нервите кои излегуваат надвор од спиналниот канал и одат кон различни делови на телото. При епидуралната техника, преку епидуралната игла се пласира пластично цевче (катетер) до епидуралниот простор и преку него е овозможена континуирана и продолжена администрација на лекови против болка, за цело време на траењето на породувањето. Значи, епидуралната аналгезија не е временски ограничена.

Спинална аналгезија претставува еднократно инјектирање на локални анестетици и други лекови во спиналната течност, која е во директен контакт со 'рбетниот мозок. Предизвикува брзо, речиси моментално обезболување. Слаба страна на оваа техника е временски ограниченото дејство. Нејзиното времетраење е ограничено со времето во кое лековите делуваат врз спиналните нерви. Максимално може да трае 2-3 часа, а потоа дејството на лековите исчезнува и болките се враќаат назад, доколку породувањето претходно не завршило. Затоа, оваа метода најчесто се комбинира со епидуралната метода - т.н. комбинирана спинална-епидурална аналгезија.

Кога не се употребува епидуралната аналгезија?

Епидуралната аналгезија не е соодветна за пациентки со нарушување на коагулацијата на крвта, потоа при некои невролошки заболувања, при присуство на тешки инфекции и кај пациентки кои имале поголеми хируршки интервенции на грбот и/или на 'рбетниот столб, алергии кон локални анестетици. Доколку спаѓате во некоја од овие групи, треба да разговарате со својот анестезиолог околу можностите за друг начин на обезболување при породувањето.

Кога можете да добиете епидурална аналгезија?

Според најновите ставови на Светските здруженија на анестезиолозите, доколку нема медицинска контраиндикација, тогаш родилката сама носи одлука за започнувањето на епидурална аналгезија. Се препорачува почеток на епидурална аналгезија во фазата на напреднато породување, односно при цервикална отвореност од 3-4 сантиметри.

Дали понекогаш е предоцна за добивање епидурална аналгезија?

Обично, потребни се околу 15 минути за администрација на епидурална аналгезија и уште околу 15-20 минути за комплетно обезболување, по епидуралната апликација на лековите. Понекогаш (особено кај повеќеротки) самиот процес на цервикално отворање оди толку брзо така што нема доволно време за апликација на епидурална аналгезија. Во овие случаи постојат други, побрзи методи, кои ќе обезбедат адекватно обезболување на раѓањето.

Дали епидурална аналгезија го продолжува процесот на породувањето?

Новите истражувања покажуваат дека епидурална аналгезија не го продолжува процесот на породување доколку се следат најновите препораки за употреба на ниско-дозна епидурална аналгезија, во комбинација со други лекови. Епидуралната аналгезија може да доведе до промена на вашиот крвен притисок, срцевата фреквенција и честотата на респирациите. Може да доведе до промена на честотата на контракциите на матката предизвикувајќи пролонгирање на породувањето.

Дали се можни трајни невролошки компликации и/или парализи при епидурална аналгезија?

Епидурална аналгезија е инванзивна, инјекциона метода, која се изведува во област на нерви, па затоа теоретски е можна повреда на нервното ткиво со епидуралната игла. Повредата на нервите, со едноподруго парези/парализи е исклучително ретка, но, сепак, можна компликација на епидурална аналгезија и спиналната анестезија. Направена е споредба дека ризикот од ваква компликација е далеку помал отколку ризикот од смртен резултат при сообраќајна несреќа при вашето упатување кон болницата каде што ќе се породувате.

Дали бебето ќе биде изложено на дејството на епидуралните лекови?

Бебето е изложено на дејството на сите лекови кои ѝ се даваат на мајката, меѓутоа количеството на епидуралните лекови кое ја преминува постелката е дури и немерливо и нема ефект врз здравјето на вашето новороденче.