fbpx

Нега на новороденчето по породувањето

Породувањето се одвива во родилна сала (специјално наменета просторија за породување). Тука се преземаат сите потребни безбедни мерки за нормално приспособување на вашето бебе во надворешниот свет. Првиот плач е всушност првото самостојно вдишување воздух и заедно со срцевото отчукување, бојата на кожата, движењата (рефлексната активност) и мускулниот тонус се параметри кои го сочинуваат првиот тест на новороденчето (Apgar score). Се изведува непосредно по раѓањето, во првата минута од животот и се повторува во петтата минута, и со овој тест се прави проценка на кондицијата на новороденчето и потребата од преземање дополнителни мерки. Поголемиот број новороденчиња имаат оценка 7-10. На раката од бебето се става идентификациска белезица со број на родилен протокол, а истата се поставува и на раката од мајката и служи за потврда на идентичноста.

Непосредно по раѓање, доколку бебето е родено спонтано, по природен пат се поставува на градите на мајката (skin to skin контакт) и се мести да цица од мајката со цел стимулирање на лактацијата (надоаѓање на млекото) и претставува емотивно врзување на мајката и бебето.

Доколку породувањето е со анестезија или царски рез, контактот целосно се остварува 2-4 часа по породувањето, во собата за будење или во болничката соба.

Потоа новороденчето, доколку е во добра кондиција, со количка за греење го преземаат сестрите од неонатологија, го сместуваат на одделот и ги земаат првите антрополошки мерки на вашето бебе (тежина, должина, обем на глава и граден кош).

За новороденчињата родени во термин и со задоволителна здравствена состојба се препорачува згрижување по принципот Rooming in, односно 24-часовен престој на новороденчето во собата со мајката и брзо воспоставување на доењето.

Во првите 2 часа по раѓањето, новороденчето се вакцинира за Хепатит Б и добива витамин К, кој е потребен за спречување посериозни крвавења кај новороденчињата. Хепатит Б е вирус кој има влијание врз црниот дроб и се пренесува на бебето за време на бременоста или во текот на породувањето. Затоа, за заштита на бебето кратко време од породувањето се аплицира вакцина за Хепатит Б. Капењето на новороденчето се одложува во наредните 2-4 часа по раѓањето, за да се превенира топлотен губиток.

Кога бебето се носи во собата на мајката, веднаш се почнува со доење. Целата обука и техника на нега ( мајчино млеко, техники на доење, нега на бебето и др.) се спроведува од страна на специјализирани сестри од неонатологија. Медицинската сестра посетите во собите на мајките ги прави на секој час или по потреба, доколку е повикана од пациентките. Во текот на целиот престој во болница педијатарот секојдневно го прегледува бебето и ја информира мајката и семејството за неговата состојба.

48-72 часа од раѓањето на бебето се прави ТСХ скриниг (хормонски скриниг за рано детектирање на болести на штитната жлезда), кој се изведува со капнување на неколку капки крв од петицата на бебето врз посебна хартија. Доколку резултатот е сомнителен, по 2-3 недели се контактираат мајката и таткото за повторување на овој тест. По еден месец се повикуваат родителите да го донесат бебето на  ултразвучен ортопедски преглед (скрининг за вродена дислокација на колкот).